Има безбедносни ризици од можен мигрантски бран и од отворање нови рути

Иако западнобалканската мигрантска рута е затворена, сепак, преку криумчарски канали стотици мигранти секојдневно ја преминуваат македонската граница и се упатуваат кон ЕУ. Се уште постојат безбедносни ризици од евентуално нов мигранатски бран по старите рути, како и отворањето нови рути. 

 

Ова го заклучија учесниците на Третата сесија на Работната група 4 - (Правда, слобода и безбедност - Поглавје 24) од Националната конвенција за Европска унија во Република Македонија (НКЕУ-МК), што се одржа денеска во Скопје.

 

Блерим Река професор на Универзитетот Југоисточна Европа - Тетово, рече дека Македонија пред две години успешно се справи со огромниот мигрантски бран од Блискиот Исток, кој земјите од регионот ги препозна како транзитен коридор, но оти предизвикот од нов миграциски бран не е целосно надминат.

 

- Низ Македонија сега не минува огромен миграциски бран, но, сепак, многу индикатори говорат за илегална миграција со примери за криумчарење на мигрантите и трговија со луѓе. Полициските билтени говорат за индивидуални случаи на криумчарење мигранти, каде што како сторители се македонски државјани, кои се дел од домашни и меѓународни криминални групи, вели Река.

 

Во европските земји, посочи, продолжува растот на трендот на неевропски граѓани, што во јануари годинава достигна и до 5,8 проценти од целокупното европско население, а тоа доведе и до раст на антимигрантското расположение, што доведе и до промена на политичката состојба во некои членки на ЕУ.

 

Само во Хрватска, додаде Река, од август 2017 до август 2018 има зголемување од 31 отсто за илегалната имиграција, во однос на минатата година.

 

Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Скопје, рече дека во РМ во 2018 годинa, според статистиката на ЕУ, се идентификува поголема раздвиженост на илегални мигрaнти.

 

- Иако во претходниот период бројката е 2.277 откриени илегални преминувања месечно, во август оваа година се бележи зголемување од 4.272, што е 88 проценти зголемување за разлика од претходниот месец, што е индикатор дека овие раздвижувања се случуваат и треба да се очекуваат и во наредниот период, рече тој. 

 

Посочи дека политиките на ЕУ во однос на миграциските стандарди се збунувачки, што значи дека од страна на Европската комисија се бара од регионот да ги достигне европските стандарди за илегалната миграција, и од таа страна да биде покомпатибилен фактор во создавање безбедност.

 

- Од друга страна, прилично се збунувачки некои од политиките на ЕУ во однос на илегалната имиграција. Така што кога се говори за европски стандарди тешко е да се разбере кои се тие. Имајќи ги предвид оние кои ги промовира германската канцеларка Ангела Меркел, и од друга страна оние кои ги сугерира унгарската Влада. Тие политики сами по себе се толку чуствителни и толку сложени кога се говори за ЕУ. Унијата ќе биде онолку силна, колку што ќе обезбеди заедничка стратегија за миграцијата, рече Стојановски.

 

Предизвиците на илегалната миграција, посочи, се мерат со илјадници жртви на патот по кој се движат, а од друга страна треба да се превенираат и безбедносните предизвици од „вградување“ на елементи што можат да поттикнат терористичко или друг вид опасно дејствување од страна на поединци кои ги користат овие прилики. 

 

Мирослав Хованчик, експерт во Одделот за анализа на ризик и статистика при словачкото Министерство за внатрешни работи, се осврна на илегалната миграција во Словачка, со анализата на ризик, организација и методи. 

 

Истакна дека капацитетите на границата не се доволни да се справат со масовниот бран на мигранти, а има вулнерабилност и на самиот систем за добивање азил. 

 

НКЕУ-МК е отворен и континуиран форум на дијалог за прашања кои одат во прилог на реформите и пристапниот дијалог за интеграција на Република Македонија кон ЕУ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.