Коалиција Сите за правично судење: Судот отстапи надвор од законската рамка за судењето за „27 април“

На денешното рочиште за главна расправа по предметот за настаните од 27ми април беше исклучена јавноста со образложение дека истото се врши поради испитување на загрозен сведок на главната расправа.

Со ваквото постапување судот отстапи надвор од законската рамка и воспоставената пракса на меѓународните трибунали, особено праксата на Меѓународниот кривичен суд, како и Хашкиот трибунал.

 

Иако според членот 354 од Законот за кривична постапка, испитување на загрозен сведок не е основ за исклучување на јавноста, сепак овој член дава можност јавноста да биде исклучена доколку е загрозена безбедноста на сведокот. Битно е да се напомене дека овој член е општ член кој се однесува на сите сведоци (за кои не се предвидени посебни мерки за заштита), па поради тоа е дадена опција судот да ја отстрани јавноста доколку има реална закана по безбедноста на сведокот. Настрана од овој член,  ЗКП  содржи  специјални  одредби  кои  се  однесуваат  ексклузивно  на  испитувањето  и обезбедувањето на загрозените сведоци, за кои се предвидени посебни правила на испитување, па поради тоа истите не се споменуваат како основ за исклучување на јавноста во членот 354  од ЗКП.

 

Законот за кривичната постапка го регулира прашањето за заштита на загрозените сведоци на главната расправа во членот 228, па според овој член загрозените сведоци се испитуваат на посебен начин, кој според ставот 4 од истиот член „(посебниот начин на испитување) може да се состои од прикривање на идентитетот, а во определени случаи и изгледот на сведокот.“ Така, според овој член се обезбедува сигурноста на загрозениот сведок од аспект на заштита на личните податоци и идентитетот, но не и во однос на исказот даден од страна на загрозениот сведок. Овој член не го препознава исклучувањето на јавноста како начин на заштита на сведокот поради тоа што загрозениот сведок првенствено треба да биде заштитен од обвинетите, а не од јавноста.


Токму поради тоа членовите 229 и 230 од ЗКП ги предвидуваат посебните услови за начинот на испитување на загрозените сведоци, во кои членови никаде не е предвидено исклучување на јавноста поради безбедноста на сведокот. Во таа насока говори и праксата на Меѓународниот кривичен суд, како и на Хашкиот трибунал според чии правила за обезбедување на сведоците се преземаат низа мерки за заштита на идентитетот на сведокот (како сведочење преку видео линк со заматен лик и глас), а исклучувањето на јавноста се применува во исклучителни ситуации кога постои опасност од изнесување на тајни или приватни информации во јавноста.

 

Во таа насока е и домашната пракса на истиот суд (ОС Скопје 1), каде во предметот под кодно име „Монструм“ заведен под референтен број КОК-66/17 на одржаните рочишта во месец август беше испитуван загрозен сведок со присуство не само на стручната, туку и на општата јавност, бидејќи беа преземени потребните мерки од членот 230 од ЗКП, па судот одлучи дека нема потреба од исклучување на јавноста.

 

Со оглед на тоа што судот на денешното рочиште обезбеди технички услови за испитување на сведокот во одвоена просторија преку аудио-видео опрема согласно членот 230 од ЗКП, беше извршено неопходното  обезбедување  на  идентитетот  и  сигурноста  на  сведокот  согласно  законот,  па  така исклучувањето на јавноста од судницата не може да се смета дека придонесува за безбедноста на
сведокот, туку влијае исклучиво на транспаретноста на судот и јавната доверба во него.


Во таа насока би се надоврзале и со денешниот инцидент на истото рочиште, каде бранителите на обвинетите реагираа на лошите услови во судницата, по што истите беа казнети и наводно разрешени од функцијата бранители. И ако ова претставува потенцијално нарушување на правото на обвинетите да имаат бранител по сопствен избор, како и на независноста на адвокатурата, во крајна линија ни говори и за значењето на присуството на јавноста на главните расправи. Во отсуство на официјални информации и детали околу инцидентот, битно е да се напомене дека доколку јавноста не беше исклучена од денешното рочиште, истата ќе понудеше објективна оценка на состојбата со што ќе се поттикнеше јавна дебата и изнаоѓање на решение за идните вакви слични ситуации, што во крајна линија ќе придонесе за подобрување  не  само  на  правата  на  обвинетите,  туку  и  на  ефикасноста на обвинителството, перформансот на судството, како и јавната доверба во истото.

 

Коалиција Сите за правично судење





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.