Изгласани дополнувања на Законот за извршување на Буџетот

Собранието денеска усвои Закон за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година.

Се вршат дополнувања на одредбите од постојниот закон, според образложението, со цел зголемување на транспарентноста во користење на наменски планираните средства, согласно јасно дефинирани услови и критериуми утврдени во програма донесена од Владата на РМ.

 

Дополнувањата не ги поддржаа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, затоа што, како што рекоа Зоран Илиевски и Илија Димовски, со нив, без никакви критериуми, ќе се поделат 50 милиони денари на печатени медиуми, спротивно на заложбите на владејачката СДСМ во време додека беше опозиција.

 

Според Илиевски, со распределбата на финансиите за печатените медиуми Владата се меша во нивното опстојување.

 

– Првин да видиме врз основа на кои критериуми ќе бидат дадени парите. Зарем не ви се чини дека на овој начин Владата на мала врата ќе има огромно влијание на печатените медиуми и оти вака, преку делење средства од Буџетот, нема директно да влијае на уредувачката политика? праша Илиевски.

 

Неговиот сопартиец Димовски, пак, забележа дека распределбата на парите на ваков начин не е транспарентност и е спротивно на заложбите на владејачката СДСМ во периодот додека била опозиција.  – Ова е избрзано решение. Останувам на ставот дека, во ова време кога настануваат сероиозни промени во медиумските правила, државата треба да помогне, но тоа мора да биде со критериуми и постапки со вклучување на Собранието и еснафските здруженија, асоцијациии и синдикати, рече Димовски.

 

Реплицирајќи на забелешките, Томислав Тунтев од СДСМ посочи дека  финансиите што ги спорат опозициските пратеници се за поддршка на развојот на печатените медиуми, каде се објавуваат сите огласи и одлуки. Тие, нагласи, се онеправдани во однос на електронските од аспект на трошоци за работење.

 

Постои, како што појасни Тунтев, министер без ресор кој ќе достави предлог програма, која ќе  ја усвои Владата и врз основа на тоа печатените медиуми ќе добијат средства за остварување  на основните потреби.

 

– Сега истите пратеници кои дозволуваа енормни трошења на народните пари, за Радио Слободна Европа, Сител, Алфа, Канал 5, за електронски медиуми,… каде  се „испраа“ милиони евра, разговараат за средства кои се обезбедуваат за развој на печатени медиуми кои секаде, особено во развиените цивилизирани држави, се во одредена неповолна положба во однос на електронските медиуми за кои не  требаат средства, рече Тунтев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.