Ќе се развива вински, апи и еко туризам во Неготино

Ќе се развива вински, апи и еко туризам во Неготино. Станува збор за проект вреден 16 милиони денари, од кои околу 10 проценти обезбедува општината, а остатокот е грант од ИПА фондови преку Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК). 

 

Целта е развој на локална и регионална конкурентност во туризмот, а ќе има разубавување и поголема функционалност на делови од градот, нови туристички атракции и автентични обележја.

 

Предвиден е нов, модерен изглед на двата влеза во Неготино, патна сигнализација, поставување нова урбана опрема, винска архива, летниковци и автентични обележја, адаптација на стара училишна зграда во село Вешје, во современ едукативно туристички и промотивен АПИ центар за развој на пчеларство и партерно и хортикултурно доуредување на пчелниот парк, поправка и набавка на нова саемска опрема за промоција и организирање вински настани, соопшти денеска градоначалникот Тони Делков, давајќи отчет за сработеното во изминатата година.

 

Тој соопшти дека ќе се гради нова градинка во Неготино. Проектот вреден 59 милиони денари е одобрен од Министерството за труд и социјална политика. Отворени се два мали групни дома за лица со попреченост.

 

Делков се осврна и на инфраструктурните зафати, а информира и за проектот со кој преку приватна иницијатива се работи на нов станбено деловен објект во центарот на градот, со цел подобрување на бизнис климата, нови инвестиции и нов урбан лик.

 

Општина Неготино, рече, спроведува развојни проекти кои се од интерес на граѓаните за подобрување на патната инфраструктура и вофоднабдувањето, системот за управување со комунален отпад, обезбедување поголема енергетска ефикасност во јавните установи, квалитетни образование, култура и спорт, претприемништво и кластерско поврзување во аграрното производство и винскиот туризам, поддршка на бизнис секторот и општествена одговорност со цел одржлив развој на општината. Ги спомена и проектите од социјалата и животната средина, за младите, а говореше и за меѓународната соработка.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.