Модна ревија на кумановски средношколци

Ученици од македонските и албанските паралелки од текстилно-кожарската струка од средното училиште „Перо Наков“ од Куманово вчера во Занаетчискиот дом организираа модна ревија на која ги презентираа нивните креации.
 
 
 Настанот е дел од проектот за меѓуетничка интеграција што го спроведува училиштето со поддршка на Министерството за образование и наука.
 
 
– Ние сме училиште со паралелки на македонски и албански јазик и овој проект има исклучително значење за поврзување на учениците, изјави директорката на училиштето Мила Жибак.
 
 
Професорките Маја Димковска и Бјондина Абдули, под чие менторство учениците ги изработија модните креации, велат дека последната година има благо зголемување на бројот на запишани ученици. Особено интерес има за насоката дизајн, а двете професорки велат дека оние кои веќе го завршиле образованието на оваа насока, веднаш нашле работа.
 
 
– Со минимални финансиски вложувања или од домашниот буџет, а почесто со користење на мерката за самовработување, учениците од оваа насока веднаш наоѓаат работа. Потребно им е многу малку време да одат на пракса, бидејќи самите се научени да креираат, да шијат и да изработат, посочуваат професорките Димковска и Абдули, додавајќи дека дел од учениците се вработуваат и во конфекциски фирми.
 
 
За потребите на проектот учениците изработија и цртежи инспирирани од старата градска архитектура кои вчера беа презентирани пред кумановци.




Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.