За борба против загадувањето, Владата бара финансиска и техничка помош од меѓународната заедница

Владата бара финансиска и техничка помош од меѓународните донатори во борбата против аерозагадувањето и спроведувањето на двегодишниот национален план  со кој се очекува намалување на загадувањето за 50 проценти.

 

Националните средства што се обезбедени од Буџетот, како што беше посочено на денешната донаторска конференција организирана во Владата, не се доволни за да се спроведе Планот за борба против аерозагадувањето, а потребна е и техничка помош и размена на позитивни искуства од европските држави во справувањето со овој глобален проблем.

 

Од Владата најавуваат помош во замената на старите нееколошки системи за затоплување со нови еколошки во јавните институции и во домаќинствата, субвенции за купување еколошки возила и за вградување на плински уреди, а се надеваат дека ќе биде донесен и закон со кој ќе се забрани користењето на јаглен како средство за затоплување.

 

Според Макрадули, замената на старите и нееколошки системи за затоплување би дала најбрз резултат во однос на загадувањето бидејќи, како што посочи, четири различни студии покажале дека околу 46 проценти во загадувањето учествуваат домаќинствата кои не се греат само на дрва и јаглен, туку користат и пластика и гуми.

 

Според вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој е и национален координатор на странската помош, загадувањето не може да се реши со магично стапче и ад-хок решенија, туку  потребни се краткорочни и долгорочни стратегии со низа мерки и активности за целосно надминување на проблемот.

 

Речиси сите извештаи покажуваат дека во изминатиот период Скопје, Тетово и Битола се едни од најзагадените градови во Европа. 

 

Градоначалникот на Кавадарци, пак, загадувањето се обидува да го реши со примена на вештачки дожд. Аеросолизација за намалување на загаденоста во воздухот, вчера прв пат се примени во Кавадарци. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев за апаратот кој произведува вештачки дожд објави видео на својот Фејсбук профил, а со помош на апаратот за аеросолизација се исчисти воздухот во Кавадарци, што покажуваа и мерната станица дека концентрациите на ПМ 10 честички се намалиле за само два часа.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.