Заев: Се бара можно решение со Беса, идентитетот не е загрозен

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.

 

-Беса е принципиелно поставена за ова прашање, како што се и осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, и се „први кои се за заштита на македонскиот идентитет“. Суштината на Беса е преку формулацијата на македонско /граѓанин на РСМ да не се остави впечаток дека Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите и сите други во државата ќе бидат македонски. Тоа е суштината. Се изнаоѓаат техничките аспекти за решавање. Секако државјанството е македонско и така и ќе остане. За тоа нема дилема. Беса не бара да се смени идентитетот или слично. Будното око на осумте пратеници токму тоа го прави како и ние и останатите пратеници. Работиме да се изнајде решение за техничките формулации како државјанството за сите да биде македонско/граѓани на Република Северна Македонија, а сепак, Албанците и другите етнички заедници да не бидат Македонци, рече Заев на прес-конференцијата по промоцијата на овластен економски оператор.

 

Тој додаде дека Македонците во државата не треба да се плашат дека некоја албанска партија или албански пратеник бараат да се загрози идентитетот.

 

-Сите се залагаме тој идентитет, што беше оспоруван, конечно да биде загарантиран. Албанците го направија тоа и на референдумот и со поддршката на Договорот од Преспа, истовремено и ние Македонците немаме намера нечие етничко чувство или припадност да го преиначиме. Тоа се човекови вредности и права, рече премиерот.

 

Заев повтори дека вкупната бројка на пратеници кои ќе ги поддржат уставните амандамни ќе се знае во моментот на гласањето. Очекува тоа да се види уште денеска при гласањето за првиот амандман во Собранието.

 

-Одговорноста на крајот е на пратениците и верувам дека ќе најдат сили да се соберат две третини односно 80 пратеници за да се изгласаат амандаманите бидејќи потоа следува и гласањето во грчкиот Парламент, вели Заев и изрази уверување дека „ако бидеме креативни ќе изнајдеме решение“.

 

Тој рече дека не може во моментов да каже дека се обезбедени 80 пратеници, но и дека е подготвен да го презеде својот дел од одговорноста.

 

-Секој треба да ја преземе одговорноста за процесот. Ако нема мнзоинство следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ставивме се на оваа карта. Во политиката, како што се земаат ловорики, така се понесува и одговорност. Немам предрасуди, дојде моментот на одговорноста. Или ќе не има 80 или ќе следува одговорност, вели премиерот Заев, и при тоа подвлекува дека сепак верува и очекува да биде обезбедено потребното мнозинство.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.