Општина Кочани доби финансиска помош од државата за изградба на полски пат до земјоделските површини

Општина Кочани доби 1,96 милиони денари за реконструкција на полскиот пат во месноста Кривулица, во атарот на селото Тркање. Средствата се одобрени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  и  се наменети за руралната инфраструктура, односно за подобрување на пристапот до обработливи земјоделски површини во подрачја во кои има интензивна земјоделска дејност.

 

– Патот е долг 1.200, а широк 3,5 метри и во моментот е во многу лоша состојба. За земјоделците, чии парцели гравитираат во овој крај, тоа е единствен полски пат, но поради состојбата во која се наоѓа им создава проблеми за да ги обработуваат и да го соберат родот. Затоа беше ставен на листата на приоритетни полски патишта и се очекува уште оваа пролет да биде завршен и предаден во употреба, информираа од Секторот за урбанизам на Општина Кочани.

 

Полскиот пат во Кривулица води од излезот на Тркање кон селото Облешево и поминува низ оризови ниви до катастарската граница со општина Чешиново-Облешево.

 

Одобрените средства се наменети за чистење, пoрамнување и тампонирање  на полскиот пат со што ќе се надминат проблемите што ги имаат земјоделците од двете соседни општини.

 

Подобрувањето на руралната инфраструктура во Кривулица е дел од проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, аплициран до Министерството за земјоделство.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.