Снегот во Европа и понатаму прави проблеми, во Македонија е стабилно

Снегот што во изминативе денови интензивно паѓаше во Македонија направи снежна покривка од 95 сантиметри во Маврово, 50 сантиметри на Попова Шапка, 44 во Крушево и 12 сантиметри во Скопје.

 

Снежните врнежи направија прекин во сообраќајот на повеќе патни правци низ државата.

 

Повеќе од 200 автомобили повеќе од 4 часа останаа заглавени на патниот правец Дебар -Маврово во близина на манастирот Св. Јован Бигорски, а целосно отсечени беа и селата Брест, Танушевци и Малино, Сопиште, Студеничани и Зелениково.

 

Забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид преку планинскиот премин Пресека, Струга – граничен премин Ќафасан и  Тетово – Попова Шапка,  каде забраната важи и за автобуси, а за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема.

 

Денеска во Скопје интензивно се работеше на расчистување на коловозите од остатоците од снегот, а Град Скопје најавува набрзо расчистување и на тротоарите и на велосипедските патеки. Од денеска попладне до недела времето ќе биде стабилно и суво со ниски утрински температури кои во поголемиот дел од населените места ќе бидат во интервал од минус 5 до минус 15 степени. Наутро ќе има услови за појава на магла по котлините, велат од УХМР и додаваат дека в недела попладне ќе се зголемува облачноста, а в понеделник во текот на денот ќе има нови врнежи од снег со слаб до умерен интензитет.

 

За разлика од кај нас, состојбата со обилните врнежи од снег во Европа е алармантна. Денеска две лица загинаа во снежна лавина која денеска околу 11 часот се случи над Банско, Бугарија. Според бугарските медиуми, едниот сноубордист загинал на лице место, додека другиот бил извлечен од затрупаниот снег, но набрзо им подлегнал на повредите.

 

А, рекордните количества снег и натаму го загрозуваат секојдневието во големи делови на Австрија, Германија и Чешка, а метеоролозите за крајот на неделава најавуваат нови врнежи. Најкритично се очекува да биде во Австрија за каде се најавени дополнителни 50 сантиметри снег.

 

Најмалку 16 луѓе загинаа во невремето ширум Европа во последните неколку дена, а најмногу жртви однесе лавината на Алпите. Во Германија стотина возачи останале заглавени на автопатите на југот од земјата. Во место југоисточно од Минхен, вчера беше прогласена состојба на природна катастрофа.

 

Во делови од Чешка, пак, прогласена е вонредна состојба, а затворени се и граничните премини кон Полска.

 

И во Швајцарија,, на висина од 1.300 метри се појавила лавина со ширина од 300 метри во која се повредени три лица.

 

.be





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.