СЈО треба да ја задржи својата независност, смета Дескоска

Специјалното јавно обвинителство треба да ја задржи својата независност, бидејќи се покажа како одлично решение и тоа не треба да се изедначи во рангот на Обвинителството за организиран криминал, рече  министерката за правда Рената Дескоска на денешниот брифинг со новинарите.

 

– Сметам дека  политичките партии треба да дадат поддршка за одржување на капацитетот на СЈО и на неговите надлежности, со оглед дека во изминатиов период е вложено во тренинзи и едукација во ова Обвинителство.  Значи, Обвинителство кое ќе има одредени гаранции на независност и на автономно одлучување кое покажа резултати во Македонија и треба да го задржиме, изјави Дескоска.

 

Појасни дека на ЕНЕР се објавени верзии изработени од работните групи во делот на надлежноста на СЈО, околу тоа дали ќе се врзе нивната надлежност само за носители на јавни функции.

 

-Се разгледува и опција околу тоа дали би можеле да ја врземе надлежноста не само околу круг на луѓе, туку и околу висина на штета или висина на корист со цел да имаме уште подобро разграничување во оние случаи каде се вклучени носители на јавни функции но и на други лица. Така и тоа може да влезе како варијанта, рече министерката за правда.

 

Според неа, за оние постапки што се во фаза на обвинение нема дилема дека треба да продолжат во рамки на СЈО.

 

-Во делот што се однесува на истрагите, таму е вложен труд од СЈО и тука не треба да се дозволи да има практично амнестирање на кривични дела со измени на закон. Во тој дел ќе мора да водиме сметка да се направи прецизна одредба што ќе даде можност делата што биле направени и кои биле во фаза на истрага да ги продолжи. Кој ќе продолжи, дали Обвинителство за организиран криминал или СЈО, тоа ќе биде дефинирано според надлежностите што ќе бидат распределени меѓу овие две обвинителства, додаде Дескоска.

 

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во неодамнешното интервју за МИА рече дека се залага да има единствен закон во кој ќе се инкорпорира и работата на СЈО како посебно обвинителство во мрежата на Јавни обвинителства.

 

–  Моја заложба е СЈО во делот на кривичните дела за кое е основано да ја задржи досегашната самостојност за тие кривични дела, а со оглед дека му се додава нова надлежност за кривични дела од областа на корупцијата од избрани и именувани лица и потешки кривични дела, за таа надлежност да важат општите правила како и за другите обвинителства. Се разбира дека за определени постапки треба  да се определи негова самостојност, но особено сметам дека е суштествено да се одлучи кој ќе го врши надзорот над работата на ова обвинителство, смета Јовески.

 

Во јавноста се уште нема финален предлог законско решение. Позната е само верзијата предложена од работната група при Министерството за правда, а предлози има и од СЈО и од политичките партии.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.