All for Joomla All for Webmasters

Уставните измени поминаа во Собранието

Уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа поминаа и во третата финална фаза вечерва во Собранието на Република Македонија, откако претходно седницата три дена беше презакажувана, додека премиерот Зоран Заев преговараше со Беса на Биљал Касами, околу нивните барања во врска со измените.

 

Пратениците со двотретинско мнозинство од 81 пратеник вечерва во рамки на 75. седница ги донесоа амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, а потоа и ги прогласија. Усвоен и прогласен е и Уставниот закон за спроведување на амандманите.

 

На седницата не присустуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Владата прифати два видоизменети амандмани. Првиот е за амандманот XXXIV на Уставот и со него Преамбулата на Уставот ќе гласи „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите". Со видоизменетиот амандман на амандманот XXXVI на Уставот новиот текст ќе гласи „Републиката се грижи за дијаспората  на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со тактовината".

 

Државјанството останува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, а прифатен е амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.

 

Со амандманот XXXIII во Уставот зборовите „Република Македонија" се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија", а зборот „Македонија" се заменува со зборовите „Северна Македонија", освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

 

Амандманот XXXIV предвидува во Преамбулата на Уставот на Република Македонија да се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници", „одлуките на АСНОМ" се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ", по зборот „година" се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор", а се бришат зборовите „одлучија да".

 

Амандманот XXXV гласи „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави". Со овој амандман се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

 

Амандманот XXXVI посочува дека „Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. Републиката се грижи за дијаспората  на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со тактовината. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Со овој амандман се заменува членот 49 и амандман 2 од Уставот на Република Македонија.

 

Притоа, согласно Конечната спогодба со Република Грција, се предвидува стапување во сила на амандманите со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Парламентот на Република Грција. Следствено, во случај на невлегување во сила на овие два документи, нема да влезат во сила ниту амандманите.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.