Протест за спас на Попова Шапка

Педесеттина подржувачи на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка" дваесетина минути го блокираа патот што води кон истоимениот зимски центар кај жичарницата во Тетово. На овој начин тие го искажаа своето незадоволство  од, како што рекоа, несовесноста, неодржливоста, заборавените инвестиции и уништувањето на едно од најпознатите рекреативни места од поранешна Југославија од самите локални и државни структури.

 

Според претставникот на иницијатативата Амбди Сулејмани, овие денови очигледно е уривањето и уништувањето на најпотенцијалниот економски ресурс во Македонија при што тоа е направено и дозволено само поради лошите економски политики на сите надлежни институции.

– Туристичкиот центар има капацитет за 110 километри скијачки патеки, но само 12 километри од потенцијалот ние употребуваме. Годишните економски показатели велат дека соседните туристички центри имаа милионски обрти, а Попова Шапка, со која управува ЕЛЕМ, спротивно на тоа има милионски годишни загуби, рече Сулејмани.

Тој упати и повеќе барања за надминување на состојбите.

– Одземање на Шапка од ЕЛЕМ и разгледување на можноста за објавување меѓународен оглас за концесионер на зимскиот центар, изградба на жичарницата Тетово – Попова Шапка со потребната инфраструктура и паркинг простор. Санкционирање на изведувачките фирми околу изградбата на новата шестседишница која досега чини 9,5 милиони евра, како и на фирмите за недовршената отворена дупка што требаше да биде резервоар за вода за производство на вештачки снег, изработка на детален урбанистички план што се ветува неколку мандати, а што не е направен од општина Тетово, рече Бајрами.

Според членовите на иницијативата за спас на Шапка, нивната оценка е дека демократскиот и институционалниот пристап за решавање на ова прашање не е продуктивен поради што решиле оти нема веќе да присуствуваат на срдби со спомнатите институции. Тие инсистираат дека единствен начин е да се упати ултиматум до Владата и премиерот да дојдат и на самото место да се уверат во лошото управување со Шапка од страна на ЕЛЕМ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.