Иницијативата за нов референдум за името мина во Комисијата за политички систем

Граѓанската иницијатива за собирање на потписи од најмалку 150 илјади избирачи за распишување дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија доставена преку овластениот предлагач Тодор Петров, денеска на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците со осум гласови „за", ниту еден „против" и еден „воздржан" беше оценета како уредна и проследена низ натамошните собраниски процедури.

 

За иницијативата, чиј потписник е лидерот на Светскиот македонски конгрес, треба да се изјасни и Законодавно-правната комисија, но нејзината седница денеска беше одложена и се очекува да се одржи во текот на денов.

 

„Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?" е прашањето кое што, како што појасни Петров на седницата, би било поставено на референдумот што би се одржал доколу се соберат потребните 150 илјади потписи.

 

Иницијативата, како што појасни тој, е поднесена на барање на 179 граѓани, а согласно законските решенија потребно е најмалку 100 граѓани да поднесат барање за иницијатива за собирање потписи за распишување референдум на државно ниво.

 

-На ова прашање избирачите треба да одговорат дали се „за" или „против" или да не гласаат. Прашањето е прецизно формулирано. Со иницијативата за дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Македонија граѓаните ќе ја проверат претходно донесената одлука за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија на седницата одржана на 11 јануари оваа година со амандманите на Уставот и Уставниот закон за нивно спроведување, рече Петров.

 

Граѓанската иницијатива треба да добие мислење за уредност и во Законодавно-правната комисија, а потоа таа би била доставена до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој преку премиерот би ја доставил до ДИК.

 

Откако ДИК ќе ги извести поднесувачите на иницијативата дека околу 33 подрачни одделенија се подготвени, тие во рок од 20 дена се должни да ги достават формуларите за собирање на потписите до сите подрачни одделенија и потписите да ги соберат во рок од три месеци.

 

Петров вели дека е позитивно што наскоро се одржуваат и претседателски избори затоа што подрачните одделенија на ДИК работат од 8:30 до 16:30, а при распишување на избори работат во три смени и саботите и неделите. Според неговите прогнози, доколку се помине според процедурите потписите би требало да се соберат од 15 февруари до 15 мај. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.