Над 100 маски дел од локалниот обичај под маски „Ѕвегорска Сурова„!

Ѕвегорските суроваскари и оваа година на празникот „Василица" го продолжија живото културно наследство на Пијанец поврзано со одбележувањето на Стара Нова година.
 
И денес главните ликови на локалниот обичај под маски или театарот на отворено наречен „Ѕвегорка Сурова" беа невестата и младоженецот, белаците, бабите и мечките кои го бркаа лошото од Пијанец, благословувајќи ги домаќините со Сурова – млада и здрава Нова година со што ја чуваат од заборав автентичната традиција на весела свадбена поворка збогатена со многу нови ликови.
 
 
Како што вели етнологот Димитар Узунски, „Сурова" во Ѕвегор е уникатна по многу нешта. Еротските игри асоцираат на плодноста, старите баби и мечкарите им помагаат на болните, а се црнат присутните и гостите за здравје. Белаците се војска кои со дрвени сабји и пушки ја чуваат невестата предвреме откриена.
 
 
-Оваа традиција постои одамна во селото. Ѕвегорските суроваскари уште од турско ја следеле традицијата и ниту една година до денеска на Василица се нема случено да не се одржи оваа традиционална свадба. Во овој период поминале многу маски, но целта останува иста, задржана е основата на овој обичај. Генерации и генерации на ѕвегорци, правеле најразлични маски, но задолжително ја има невестата, зетот, попот, белаците, кои ја чуваат невестата да не биде предвреме откриена, мечката која благословува за здравје, старата баба која асоцира на старата година што изминала, вели Узунски.
 
 
Суроваскарите денешниот обичај ќе го завршат доцна на однапред поготвена трпеза од кумот каде ќе биде откриена несветата и ќе паднат сите маски од годинешната сурова.
 
 
-Ѕвегорската сурва е вековна традиција и живо наследство кое жителите на Ѕвегор самоиницијативно ја продолжуваат и ја одржуваат почитувајќи ја традицијата оставена од нивните предци. Поддршка за реализација годинава имаме од Општина Делчево и од спонзори. Како кум моја обврска е да ја организирам групата и да обезбеди ручек за учесниците и за гостите. Оваа година имаме групи под маски и од соседна Бугарија, од Логодаж и од Симитли. Јас сум задоволен од начинот на кој се одвива овој обичај и се надевам дека ќе смогнеме сили наредниот период да ја подигнеме манифестацијата на повисоко ниво, секако, со поддршка на Општина Делчево, рече Цветковски.
 
 
Градоначалникот Горан Трајковски кој го потенцираше значењето на ова живо културно наследство истакна дека локалниот обичај треба да ги надмине локалните рамки и да прерасне во пијанечки карневал, бидејќи наследството се почитува од дамнина, а по значењето и по богатството на маски го нарекуваат Пијанечко Вевчани.
 
 
-Мене ме радува што последниве години многу млади од ова село Ѕвегор ја продолжуваат традицијата со што се обезбедува иднината на овој култен обичај под маски чија цел е да се избрка злото во некрстените денови. Сакам да истакнам дека овој локален обичај под маски во Ѕвегор, треба да прерасне во еден карневал и на оваа тема треба сериозно да се работи и со претставниците на групата „Суроваскари" и овој локален обичај да се стави во туристичката понуда на Делчево и Пијанец. Нека е за многу години, весела, сурова и здрава стара нова година, рече Трајковски.
 
 
На „Сурова" годинава учествуваа и маски од Германија. Хајнц од градот Минхен беше специјален гостин на манифестацијата кој што за оваа пригода подготви и карактеристична германска маска. Суроваскарите продолжуваат со локалниот обичај се до ноќта кога на заедничката вечера ќе биде откриена маската на невестата.




Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.