Одложено судењето за 27 април, се чека одговор од Апелација за одбиените жалби за амнестија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 15 Јануари 2019
Судењето за случајот „27 април“ почна во август минатата година против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Во рамки на доказната постапка беа сослушани околу 50 сведоци, како и еден загрозен сведок, на чие сведочење беше исклучена јавноста. Како сведоци беа сослушани актуелниот премиер Зоран Заев, министерот Дамјан Манчевски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, владиката Пимен и други.
По исказот пред судот на Стефан Младеновски, кој кажа дека за упад во Собранието кога СДСМ ќе формира Влада дознал во февруари 2017 година од Александар Василевски Нинџа, на средба на која имало и луѓе од МВР и УБК, на 4 декември на барање на Јавното обвинителство беше приведен во притвор поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски.
Со 95 гласа „за“, без против и воздражни, Собранието на 18 декември го донесе по скратена постапка Законот за амнестија за настаните од 27 април 2017 година, согласно кој амнестијата не се однесува на организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.
Досега амнестија добија 15 лица за случајот „27 април“, како и пет лица опфатени со други предмети. За сите останати барања се уште тече рокот за одлучување.
Позитивно мислење по барањата за амнестија, добија петтемината пратеници – Мукоски, Арнаудов, Василевски, Тарчуловски и Димовски, организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, вработените во кабинетот на тогашниот собраниски спикер Иван Цветановски и Елена Доцевска-Божиновска, браќата Младеновски кои први открија детали за организацијата на крвавиот четврток и Захарије Симовски, Илија Славевски и Митре Питроповски од патриотските здруженија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс