Хан за МИА: Очекувам Договорот од Преспа да мине и во грчкиот Парламент

Се надевам дека последните случувања во Грција нема негативно да се одразат врз Договорот од Преспа и дека тој ќе мине во грчкиот Парламент, вели меѓудругото еврокомесарот Јоханес Хан во интревју за МИА. Тој потенцира дека спорот за името не е единствениот услов за почеток на преговорите со ЕУ и препорачува фокусот да се стави врз реформите, а не на можни предвремени избори.

 

Во интервјуто Хан говори и за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, настан, што според него, отвора сомнеж за можна вмешаност на соседните држави.

 

Дали Преспанскиот Договор е во опасност со последните случувања во Грција?

 

Одлуката што треба да ја донесе грчкиот Парламент е, се разбира, суверена одлука. Но, се надевам и верувам дека последниот чекор во решавањето на овој долготраен спор може да се постигне бидејќи толку многу напори беа вложени. Овој договор е од бенефит за целиот регион, вклучително и земјите членки на ЕУ и се разбира посебно Грција.

 

Дали Европската комисија бара уверување од грчката страна дека договорот ќе биде усвоен?

 

Не, бидејќи ги следевме изјавите од Атина и до пријателите во Скопје, така што не гледаме потреба да се мешаме. Според мене работите одат во вистинска насока.

 

Знам дека не сакате да одговарате на хипотетички прашања, но што ако Договорот не мине во Грција?

 

Не шпекулирам за вакви работи, уверен сум дека луѓето ја користат оваа прилика затоа што ова е и во корист на Грција и се разбира во корист на, се надевам, идната Северна Македонија. Но и во корист на целиот регион. Ова создава повторно позитивна динамика за целиот регион. Видовме веднаш по првото гласање во преспанскиот процес дека дијалогот меѓу Белград и Приштина доби нова енергија. За жал, овој развој не беше одржлив и сега сведоци сме на ќорсокак. Сепак, очекувам слични ефекти  по ова гласање. Сите кои се инволвирани во ова прашање имаат бенефит од позитивен исход, и затоа сум многу уверен дека конечно ќе се случи.

 

Сега кога името не стои веќе на патот, кои се сега главните теми врз кои треба Владата да се фокусира за да се осигура дека ќе добие позитивен извештај од Европската Комисија?

 

Има добропознати точки за следните месеци: да се продолжи со реформата на разузнавачките служби, да се работи на натамошната борба против корупцијата и, се разбира, сѐ е поврзано, и реформата на судскиот систем. Ги имаме итните реформски приоритети и извештајот на Прибе и мислам дека добро знаат што треба да направат.

 

Сѐ повеќе се зборува за предвремени избори. Дали е време за такво нешто?

 

Суверена одлука е тоа секогаш и треба да се почитува, но ако може да дадам скромен совет, тоа е да се концентрира на имплементација на реформската агенда. Земјата треба да го искористи овој многу позитивен момент создаден од Преспанскиот Договор затоа што нашата цел е да се добие одлуката за преговори на лето и навистина да се отворат првите поглавја до крајот на годината. И ова може да се постигне само ако сите навистина се ангажирани. Сега кога прашањето за името е на добар пат да биде отстрането благодарение на одговорното однесување на пратеници кои го поддржаа напорите треба да се фокусираат на реформите и останува многу да се направи, посебно во делот на владеењето на правото. Ова не е само за да се убедат земјите членки, но пред сѐ во интерес на граѓаните кои имаат потреба да видат конкретни бенефити веќе сега. Очекувам сите политички сили сега, вклучително и опозициската партија, да го поддржат овој процес затоа што ЕУ целта е натпартиска национална цел.

 

Една од најголемите критики од јавноста беше процесот на амнестија, начинот на кој се направи, посебно измените во Кривичниот законик. Го делите ли мислењето дека ова е директен упад во владеењето на правото и може ли сево ова да се рефлектира врз претстојниот извештај за Македонија, како ќе реагираат земјите членки на ЕУ?

 

Мислам дека иницијативата е дел од процесот на помирување и како таква треба да биде поздравена. Се разбира владеењето на правото треба да се почитува и колку што знам ова е обезбедено бидејќи не станува збор за општа амнестија, туку дека оние кои извршиле сериозен криминал во контекст на овие настани ќе одговараат.

 

Очекувате ли повторно истите борби меѓу земјите членки да се случат на јунскиот Совет за општи работи кога ќе треба да се одлучува за конечен датум за преговори за Македонија?

 

Се надевам и речиси сум убеден дека ќе имаме ситуација каде сите земји членки ќе го испочитуваат овој успех. Затоа што станува збор за решавање на 27-годишен  спор и нема многу слични случаи во целиот свет каде вака долги спорови биле решени на ваков начин, со почит за интересите на двете страни. Така што сигурен сум дека нашите земји членки ќе го препознаат овој историски успех ако е придружен од реформски напори. Судејќи по сериозната реформска посветеност на владата уверен сум дека земјите членки ќе го препознаат направениот добар напредок. Како што секогаш велам: „ако нашите земји партнери исполнат и ЕУ треба да исполни“, дотолку повеќе што интеграцијата на Западниот Балкан е во самиот интерес на ЕУ

 

Секогаш ни беше кажувано дека името е главниот проблем, сега кога е решено, луѓето почнуваат да мислат дека само се наоѓаат оправдувања ако не се отворат преговорите.

 

Решението за спорот за името е огромен чекор напред и директно поврзан со пристапниот процес бидејќи помирувањето и добрососедските односи се клучни елементи, но има и други елементи во овој целисходен трансформациски процес исто така, како што стои во реформската агенда. Верувам дека со реформски ориентираниот дух кој земјата го покажа во изминатата година, другите работи исто така можат да се постигнат.

 

Ако Македонија не добие почеток на преговори само поради противењето на земји членки на ЕУ и доколку ги исполни реформите, ќе го сфатите ли ова како личен пораз и пораз на вашата Европска Комисија во областа на проширувањето?

 

Не сакам да шпекулирам бидејќи сум уверен дека постигнувањата на вашата земја ќе бидат препознаени од земјите членки. Во прашање е кредибилитетот на ЕУ. Мислам дека земјите членки се свесни дека зборуваме за почеток на преговори и дека земјата нема да ги заврши за неколку месеци. Така што, сите внатрешни дискусии на ЕУ, кои дефинитивно се потребни – како да го подобриме процесот на одлучување за да можеме да одиграме глобална улога како ЕУ – треба да одат паралелно. Ќе имаме самит на 9 мај во Сибиу, Романија, ова го гледам како важен чекор. И секогаш сум велел дека оваа натамошна интеграција мора да оди паралелно со процесот на проширување и мислам дека ова е нешто што го прифаќа секој.

 

Ќе ви поставам сега прашање како потпретседател на Европската Народна Партија (ЕПП), ова е единствената група во Европскиот Парламент која не го поздрави Преспанскиот Договор. Зошто?

 

Искрено не ги следев сите реакции, но знам многу добро дека нашиот претседател, Жозеф Дол, силно беше ангажиран во обид да го убеди опозицискиот лидер да го поддржи договорот. За жал неуспешно. Примивме разни луѓе од партијата кои гласаа за договорот на Самитот во Хелсинки, така што беше доста јасно дека од европска гледна точка, од гледна точка на ЕПП го поддржуваме овој договор, не само теоретски, туку на дело.

 

Груевски избега во Унгарија, чија владејачка партија исто така е членка на ЕПП. Имавте ли прилика да разговарате за азилот на Груевски со Орбан?

 

Не лично. Јавно кажав дека сакам повеќе детали и бев информиран дека Унгарија си ги следи процедурите за азил и дека тоа значи дека е билатерално прашање помеѓу кандидатот за азил и властите и нема обврска да се кажат јавно причините за давањето азил некому. Но, се разбира, ова, во најмала рака, апсолутно не помага.

 

Мислите ли дека Груевски некогаш ќе биде екстрадиран во Македонија? Има ли уште некаква шанса за Македонците да видат некаква правда?

 

Би било најдобро да му се суди во земјата каде е сторено делото и во согласност со правната држава.

 

Што мислите за ова лично?

 

Ако ја гледате рутата на бегството, патот не беше директен, туку низ регионот и ова е некаков регионална  соработка која не помага и не ми се допаѓа. И им го ставив на знаење јасно на сите колеги во регионот.

 

Мислите дека соседните земји се инволвирани?

 

Немам докази, но не сум ни наивен.

 

Дали мислите дека Македонија е инволвирана?

 

Треба да го чекаме извештајот за истрагата од министерството за внатрешни работи за да знаеме што се случило.

 

Извор: МИА Тања Милевска





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.