Кочани доби грант од 62 илјади долари за јакнење на капацитетот на општинскиот Совет

Општина Кочани влезе во проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), што го реализира Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP).

 

Целта на проектот е да го заживее општинскиот совет и да ја зајакне неговата улога во локалниот триаголник на власт преку обезбедување знаења за советниците и подобрување на квалитетот на работењето.

 

– Со проектот Општина Кочани добива 62 илјади американски долари, од кои 12 илјади ќе се наменат за воведување на најмалку една иновативна иницијатива за граѓанско учество. Останатите 50 илјади долари се за реализација на приоритетни проекти за заедницата избрани со користење на методологијата на форуми во заедницата. Активностите ќе се реализираат во три компоненти, односно развој на капацитетите на членовите на Советот врз основа на традиционалните и иновативните методологии, втората компонента е јакнење на Советот преку  мали грантови за приоритетни активности на општината што се избрани по јавни консултации и третата е јакнење преку вмрежување, кодификација, институционализација и одржливост, истакна Томе Солевски, претседател на Советот на Општина Кочани.

 

Активностите ќе се реализираат во две фази, односно од јануари до декември оваа година ќе се спроведе едукација, вмрежување и избор на приоритетни проекти. Во втората фаза, што е планирана за идната година, ќе се реализираат приоритетните проекти на заедницата избрани преку форуми во заедницата.

 

Проектот „Зајакнување на општинските совети“ треба да овозможи вмрежување на советите од сите општини во Македонија и пошироко, и да обезбеди поддршка во олеснувањето на комуникацијата помеѓу заедницата и советите како начин на подобрување на транспарентноста и отчетноста на локалната власт.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.