Делчево и Каменица дел од општините каде ќе се поставуваат фотоволтаични системи во јавни објекти

Општинската административна зграда при Спомен-домот АСНОМ како и деветолетките ,,Св.Климент Охридски” и ,,Ванчо Прке” се јавните објекти во кои во Делчево ќе бидат поставени фотоволтаични системи согласно Програмата за подобрување на инфраструктурата во руралните средини, поддржана од Европската унија.
 
 
Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, потенцираше дека со инсталацијата на фотоволтаични системи на општинската зграда и на двете основни училишта во Делчево продолжува имплементацијата на стратешките цели на Општината за енергетска ефикасност.
 
 
– Делчево ќе добие значајна заштеда на електричната енергија и директно ќе се намалат трошоците на општината. Истовремено со овој проект ќе се зголеми и бројот на користени обновливи извори на енергија во Делчево со што освен што ќе штедиме енергија, значајно ќе се придонесе и за заштита на животната средина и подобрување на условите за живот на општина Делчево. Ова е уште еден чекор повеќе за општина Делчево, кога е во прашање енергетската ефикасност. Овде ќе потсетам дека Делчево штеди енергија и до 70 проценти на јавното осветлување со замената на 760 живини со лед-светилки, рече Трајковски.
 
 
Во Македонска Каменица со програмата за поставување фотоволтаични панели ќе бидат опфатени детската градинка „Бамби“, општинското основно училиште „Св.Кирил и Методиј“ и Средното општинско училиште „Миле Јаневски Џингар“. Објектите на кои ќе се инсталираат овие системи ќе можат самите да произведуваат струја преку фотонапонски системи, а од општина Македонска Каменица со нивното инсталирање очекуваат де се направат значајни заштеди за струја кај овие јавни објекти, со што ќе се намалат трошоците, а истовремено ќе се зголеми и искористеноста на обновливите извори на енергија.
 
 
За оваа намена Министерството за финансии, преку Проектот за подобрување на општински услуги има на располагање грант од 2 милиони евра кои се обезбедени преку ИПА-компонентата на Европската унија. Фотоволтаични системи за јавни објекти ќе добијат 36 општини од четири региони во државата.




Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.