Ќе се истражуваат злоупотреби во процесот на обештетување за земјотресите во Охрид од 2017 година

Општинска комисија предводена од Александар Китески, од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ќе врши проверка на начинот на кој се спроведува обештетувањето на лицата кои пријавиле штети од земјотресите во 2017 година.

 

Вршителот на должноста градоначалник на Охрид, Константин Георгиески, како одговор на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреби истакна дека токму од тие причини била формирана комисијата што ќе го разгледува процесот на обештетување.

 

-Формирана е дисциплинска комисија, а се до истекот на законскиот рок за изготвување на извештајот јас нема да коментирам. Доказ дека луѓето ги делам на чесни и нечесни, на работници и неработници, е тоа што за претседател на таа комисија го ставив Александар Китески, истакнат член на ВМРО ДПМНЕ, меѓутоа човек кој исклучително го ценам и почитувам како совесен работник и професионалец во својата струка и ценам дека најдобро и најпрофесионално ќе си ја заврши работата како претседател на дисциплинската комисија и сите мерки кои ќе произлезат од заклучокот на таа комисија ќе бидат преземeни и сите лица доколку се огрешиле ќе бидат изведени пред лицето на правдата, рече Георгиески, како одговор на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Инаку, денешната 23-та седница на Советот на Општина Охрид започна токму со барање од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за вметнување во дневниот ред точка на која ќе се разгледуваат нивните тврдења за злуопотреби во обештетувањето.

 

Советникот Кирил Пецаков од опозициската ДПМНЕ денеска пред почетокот на седницата пред медиумите изјави дека во партијата пристигнале информации од кои може да се утврди постоење сомнителни активности со исплатите на проценетите штети предизвикани од земјотресите во 2017 година.

 

– ​Како одговорна политичка партија, а се со цел да ги потврдиме нашите индиции, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до Општина Охрид доставивме барање за информации од јавен карактер, со кое побаравме да добиеме информации за нашите сомнежи и соодветна пропратна документација поврзана со случајов… ​ ​Отворено се сомневаме и во направените проценки на штети и исплатата на високи штети кај одредени високи структури ангажирани во локалната самоуправа во Охрид. ​Сето ова не наведува на тоа да се сомневаме за направени огромни штети на буџетот на Република Македонија, рече Пецаков.

 

Истовремено советниците на опозицијата побараа за индициите за злоупотреби да бидат известени и Основното јавно обвинителство, Секторот за внатрешни работи, Владата, како и детален писмен извештај од в.д. градоначалникот за случајот што би се разгледувал на посебна точка на дневен ред на наредната седница на општинскиот совет.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.