Вакцинацијата е во пораст, докторите уверуваат дека вакцините се безбедни

Во обид да се стимулира населението позитивно да одговори на задолжителната имунизација кај децата, се споменуваат ригорозни мерки.

 

Една од нив е запишувањето во прво одделение да се извршува единствено со приложување на книшка за имунизација како доказ дека детето е вакцинирано. Кога се очекува да стапи на сила новото правило прашавме во Министерството за здравство од каде ни одговорија дека наскоро ќе се формира работна група која ќе предложи вакцинацијата да биде задожителна при упис во прво одделение.

 

Од Министерството за образование пак, велат дека Уставот е јасен – ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем, бидејќи основното образование во Македонија е задолжително. Од таму велат дека потребни се кампањи од едукативен карактер за придобивките од вакцинацијата, советувања за родителите кои не ги вакцинираат своите деца, но и санкции, кои никако не смеат да бидат на штета на децата.

 

Во меѓувреме вакциналните пунктови на министерството за здравство работат со полн капацитет. Денеска ја посетивме поликлиниката Јане Сандански каде веќе трета недела во две смени децата се вакцинираат од контроверзната МПР вакцина. Денеска до 13 часот вакцинирани беа 49 дечиња од кои 18 од МПР вакцината.

 

Доктор специјалист Даниела Марковска со која разговаравме денеска одговорно тврди дека вакцините се безбедни, и ги охрабрува родителите да ја извршат задолжителната обврска за имунизација на своите деца.

 

Доктор Марковска нагласува дека е забележан висок процент на вакцинирани деца во руралните општини, за сметка на урбаните, каде што родителите категорично се досега одбивале да ги вакцинираат децата. Таа ги повикува родителите за квалитетот на вакцините да се информираат преку разговор со стручни лица, а не преку информациите кои се нудат на интернет да донесуваат погрешни заклучоци и одлуки.

 

Малите сипаници може да дадат тешка клиничка слика, како воспаление на белите дробови, воспаление на мозок, тешка дијареа и во одредени случаи и смрт, а вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници, потсетуваат од министерството, од каде не информираа дека Забраната за прием на невакцинирани деца ќе трае се додека постои епидемијата. 

 

.be





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.