Општина Кочани продаде седум градежни парцели за станбени објекти

Околу 16,5 милиони денари оствари Општина Кочани од продажбата на државно градежно земјиште наменето за изградба на објекти за домување.

 

Оттуѓени се седум од понудените осум парцели на последниот оглас за продажба, при што една е со намена за колективно домување, од која е остварен и највисок приход, а останатите се за изградба на семејни куќи.

 

-Понудената градежна парцела за изградба на станбена зграда на улицата „Роза Петрова“ предизвика најголем интерес кај инвеститорите и за понудените 1.559 квадратни метри е постигната вкупна сума 15,4 милиони, од кои 80 отсто ќе влезат во општинскиот буџет. Во населбата Калиманова глава ќе се гради станбена зграда со компатибилни класи на намена за времено сместување, мали комерцијални објекти, големи трговски единици, деловни простории и слично, истакна Марија Георгиева од одделението за локален економски развој на Општина Кочани.

 

Кај парцелите за индивидуално домување продадени се вкупно шест со просечна цена од 1.500 денари за квадратен метар, при што остварениот приход изнесува близу еден милион денари.

 

Од Локалната самоуправа очекуваат дополнителен приход од продажба на државното земјиште, со оглед што до 23 јануари трае рокот за пријавување на заинтересираните купувачи на парцели за викенд куќи на Пониква.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.