Стационарот за кучиња скитници во Охрид e готов, се чека дозволата од АХВ

Општина Охрид го изгради долгоочекуваниот стационар за кучиња скитници, се чека уште на дозволата за работа што ја издава Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), така што се очекува за петнаесеттина дена да биде оперативна шинтерската служба во градот.

 

Љупчо Грданоски од Општина Охрид појасни дека стационарот е изграден, набавени се две возила за транспорт на животните, вработен е и шинтер во ЈП „Охридски комуналец“.

 

Стационарот е со капацитет за третман на 30 кучиња дневно.

 

–  До АХВ доставено е соодветно барање од наша страна така што веруваме дека веднаш откако ќе ја добиеме дозволата ќе се реши проблемот со бездомните кучиња во градот. Проблемот е дотоколку поголем што во неколку наврати добиваме дојави од правни и физички лица дека со возила од други градови се носат десетици кучиња, рече Грданоски.

 

Како проблем тој посочи на практиката на несовесни граѓани кои ги оставаат на улица своите дотогашни домашни миленичиња, за кои повеќе не се грижат.

 

Што се однесува на појавите на носење кучиња од други населени места во Охрид, Грданоски истакна дека за тоа се известени надлежните служби, како и оти се преземаат активности за спречување таква практика во иднина.

 

Инаку, кучињата скитници речиси го имаат запоседнато централното градско подрачје. Ги има насекаде низ градот, на Градскиот плоштад, по чаршијата, парковите, улиците, тротоарите, влезовите пред продавниците. Воглавно не претставуваат закана по луѓето, но се работи за животни чие однесување не може да се предвиди така што опасност од напад постои.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.