Влада на РМ:Јавноста ќе биде информирана откако ќе биде заокружена и комплетирана истрагата за бегството на Груевски

Владата на Република Македонија преку соопштение информира дека со внимание ја проследила реакцијата на дел од граѓанските организации што повикуваа на политичка одговорност одделни институции и носители на високи јавни функции, во врска со бегството на осудениот Никола Груевски.

 

Во соопштението од Владата потенцираат дека истрагата што ја води Јавното обвинителство мора да заврши пред да се објавуваат детали во јавноста, особено заради тоа што се работи за деликатни истражни дејствија за кои постојат индиции дека инволвираат граѓани на трети земји.

 

-Владата и МВР се одлучни дека ќе ги почитуваат законите и дека нема да дозволат извршната власт да ја нарушува истрагата што ја води Јавното обвинителство, што беше редовна пракса во минатото, истакнуваат во соопштението и укажуваат дека е неопходно целосно затворање на сите прашања во истрагата за да се добијат одговори што недвосмислено и без сомнеж ќе ја прикажат комплетната слика и сите инволвирани.

 

Во соопштението појаснуваат дека согласно надлежностите и процедурите, со реконструкцијата на бегството и укажувањата на помагателите, базирани на основани сомневања, поткрепени со докази, прво треба да излезе Јавното обвинителство.  Министерството за внатрешни работи, по налог и супервизија на министерот Оливер Спасовски, со сите свои ресурси и професионални капацитети учествува во асистирање на истрагата за утврдување на начинот на кој осуденото лице Никола Груевски ја напуштило територијата на Република Македонија. Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди,  ги завршува истрагите за можна инволвираност на полициски службеници, а Секторот за внатрешни работи – Скопје за начинот на бегство и можните помагатели.

 

Од Владата наведуваат дека откако ќе биде заокружена и комплетирана истрагата, со потврдени и докажани дејствија, јавноста во Република Македонија ќе биде соодветно информирана.

 

Владата на Република Македонија ги уверува јавноста и граѓанските организации дека максимално ја поддржува независната и професионална истражна постапка, дека ќе ги прифати сите докажани резултати на истрагата, и дека ќе поддржи преземање одговорност и правосудна постапка со која пред лицето на правдата ќе бидат изнесени сите личности кои учествувале или го помагале бегството на осудениот, поранешен премиер Груевски.

 

Владата, стои во соопштението, останува на ставот дека Република Македонија има иднина само како правна држава, како држава во која владее правото, и во која криминалните политички структури ќе бидат казнети со докази и во фер судски постапки.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.