Двоглавиот орел – потекло и значење

Реакции во јавноста деновиве предизвикуваат фотографии и јавни истапувања на политичари Албанци кои  со рацете го покажуваат знакот на двоглав орел. Тие што го покажуваат тврдат дека е без негативна конотација и оти е само знак на идентификација со нивната национална припадност. За оние што им пречи, пак, тоа е јавно и провокативно искажување на националистички и големодржавни претензии.

Двоглавиот орел во различни варијации денес е симбол содржан на државните знамиња или на грбовите на повеќе земји: Албанија, Србија, Русија, Црна Гора, едноглав орел има и на знамињата на Австрија, Германија, Полска, Чешка, Романија… Се среќава и на многу христијански обележја особено на териториите што во минатотото биле под власт на Византиската империја.

 

Потеклото на симболот што денеска најчесто се користи, сепак, датира многу подлабоко во историјата.

Двоглавиот орел, според историчарите и хералдичарите, е древен соларен симбол. Најстариот познат двоглав орел се појавува на цилиндричен печат на сумерскиот град Лагаш околу 2500 пр.н.е. Потоа се јавува во древните цивилизаци на Хититите од Анатолија.

Во словенската митологија орелот е божја птица, владетел на небесниот простор и заштитник од градоносните облаци. Орелот се јавува и во исламската традиција, каде што црниот стандард на Мухамед бил познат „знамето на орелот" (иако тоа не прикажува орел, туку е целото црно).

На овие простори двоглавиот орел се јавува како византиски амблем, симбол на моќта на „вселенското царство" од времето на династијата Комнен.  Ја претставува двојната власт на царот – световната и духовната, но и византиската царска надмоќ над Истокот и Западот. Едната глава го претставува Источното, а другата Западното Римско царство. Од Византија двоглавиот орел се проширува низ земјите кои биле под нејзино влијание, станувајќи многу застапен хералдички мотив и на државните и на црковнте власти. Двоглавиот орел денес е и еден од најпрепознатливите симболи на православието и како таков е присутен на многу сакрални предмети по црквите. Двоглавиот орел е симбол и на Вселенскиот патријарх во Цариград и се користи во црквите и манастирите под негова јурисдикција, како и на  Света Гора, монашката република на Атос.

 

 

 

Ромејски грб

Според преданието неговите корени потекнуваат уште од самите почетоци на првото христијанско царство – Ромејското. Имено, кога светиот цар Константин Велики (306-337) ја обединил разединетата Римска империја и станал единствен нејзин господар, го вовел двоглавиот орел како симбол на единството – две глави (Истокот и Западот) во едно тело. Од времето на ромејскиот василевс (владаетел) Исак Комнен (1057-1059) двоглавиот орел се користи и како декоративен мотив на царскиот двор и на церемонијалните одежди на членови од царската фамилија. Овој знак го добива и своето друго значение – го симболизирал единството помеѓу црквата и државата, што делувала по принципот на симфонија, согласие помеѓу духовната и световната сфера во христијанското општество.

По заземањето на Константинопол од страна на Латините (1204 г.), двоглавиот орел продолжил да се користи од земјите наследнички на Ромејското царство – Епир, Никеја и Трапезунт. Никејските владетели го користеле како ознака за источните и западните владенија на некогашната пространа империја, а кои владенија, сакале повторно да ги освојат. Со возобновувањето на Ромејското царство (1261 г.), со константинополскиот трон завладејува династијата на Палеолозите. Под влијание на западната хералдика, оваа царска фамилија го направила двоглавиот орел свој официјален грб, но тој се поистоветувал не само со династијата, туку и со целото царство. Притоа, орелот на Палеолозите бил со златно-жолта боја на порфирна позадина (тоа биле бои кои ја означувале царската власт). На средината од орелот била изобразена симпилема (династички монограм), а канџите на орелот биле слободни. Надвор од царската фамилија се употребувал црн орел на златна заднина (орелот бил црн – како сенка на владетелскиот златен орел).

Во подоцнежните векови се појавиле неколку различни изобразенија на двоглавиот орел. Има претстави во кои орелот држи сфера со крст (како ознака на православната екумена) во едната од канџите и меч (симбол за победа и правда) во другата. Се среќаваат и претстави во кои орелот држи скиптар и крст, два меча, или пак, меч и сфера.

 

Двоглавиот орел од Византија се раширил и во другите земји што духовно и културно се надградувале, црпејќи од неа. Русија го презела двоглавиот орел во времето на Великиот кнез Иван III (1462-1505). Откако кнезот Иван се оженил со византиската принцеза Софија Палеолог, се прогласил себе си за легитимен наследник на ромејските цареви. Московскиот двор бил преуреден по углед на византискиот царски двор; многу работи биле преземени од Византија, вклучително и двоглавиот орел.

И Хабзбуршката монархија го прифатила двоглавиот орел од Ромејското царство, а тука се уште и Бугарија (го користела во врмето на царот Иван Александар (1331-1371)), Србија, Црна Гора.

 

Ѓорѓи Кастриот, пак, во неговата борба против Османлиите, го зел двоглавиот орел како симбол на православната Византија и го направил свое востаничко знаме. Подоцна, тоа знаме, модифицирано и прилагодено за новосоздадената албанска држава, станало и официјално знаме на Албанија.

Но, не биле само световните власти кои го преземале двоглавиот орел како државно обележје. Византија била теократска православна монархија, со устројство што претсавувало мирски (земски) образ на небесната хиерархија. Световното и духовното биле тесно поврзани и се надополнувале едно со друго. Оттаму, и двоглавиот орел се јавува како симбол на тоа двојство, но истовремено и на нивното единство. Па, затоа, тој нашироко се користи и во православната црква ширум светот, како еден од симболите на православието и православната држава. И црквите во Македонија не се исклучок од тоа. Кај нас, тукуречи, и да нема постара црква во која не се сретнува двоглавиот орел. Таква појава се и двата орли од Бигорскиот манастир. Тие денес се наоѓаат прилепени однадвор, на северо-западниот дел од северниот ѕид на манастирската црква.

 

Oвие двоглави орли се изобразени во плиток рељеф на две мермерни плочи со правилна шестоаголна форма. И во двата на средината е извајана годината 1795. Наоколу на плочите стојат натписи во кои се споменуваат имињата на ктиторите на црквата: игуменот Тарасиј, архиѓаконот Стефан и папуџијата Велјан. Првобитно овие плочи се наоѓале внатре, во црквата – едната, во амвонот под големото кубе, а другата, под малата купола. Служеле за да ја означат годината на изградба или доградба на црквата (станува збор за постарата црквичка на чие место, подоцна, во времето на игуменот Митрофан, била изградена денешната голема црква). Обичај било кога ќе се изгради некоја црква, годината на изградба да биде впишана во плоча со двоглав орел. Овој симбол се користел од почит кон традиционално наследство на Ромејското царство. Ваквата постапка била практикувана при изградбата на повеќето храмови, без разлика во кое време и под чија јурисдикција биле изградени.

 

Двоглавиот орел во Албанија

На територијата на Албанија двоглавиот орел се појавува во 15 век како симбол на семејството Кастриот, Јован – Ѓон Кастриот и Ѓерѓ – Ѓорѓи Скендербег. Амблем двоглав орел со шестокрака ѕвезда меѓу главите  се гледа од печатот на документ испратен од Ѓорги (Ѓерѓ) Кастриот Скендербег до папата Пиј II во 1459 година.

Црвеното знаме со двоглав црн орел како албански национален симбол почнува да го употребува Призренската лига во 1878 година. Како државно знаме, на предлог на Исмаил Ќемал, се воведува со декларацијата за независност донесена во Валона на 28 ноемри во 1912 година. Во времето на социјализмот и Енвер Хоџа, на државното знаме имаше петокрака, но по падот на комунистичкиот режим, Република Албанија во 1992 година ја острани, а го остави само двоглавиот орел.

 

Во Македонија

На територијата на Македонија орелот се среќава на монети со Аминта трети во 4 век пне., потоа од времето на владењето на Римската империја. Орелот го има и на парите што ги ковал деспот Углеша, братот на кралот Волкашин, ктиторот на Марков манастир, а од 14 век станува чест мотив во црквите и манастирите. Двоглавиот орел станува и редовен дел од накитот на женската носија, обично како тока на која се поврзани низите со пари, но сепак најчестата употреба како симбол во Македонија е преку традицијата на православната црква.

Двоглавиот орелот денес е симбол на две зедници во Македонија – на албанската и на српската. Во 2005 е донесен Законот за знамињата на заедниците во РМ со кој се дозволува употреба на знамињата кои тие ги избрале како симбол на својата заедница. Со законските дополнувања од 2011, знамињата на заедниците се истакнуваат заедно со државното знаме кое мора да е за третина поголемо од она на заедниците. Албанците и Србите во Македонија како свои симболи ги имаат избрано знамињата на Албанија односно на Србија.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.