Со капење на рибарите во Охрид одбележан празникот Свети Јован Крстител

Богојавленските чествувања во Охрид продолжија и денеска на Соборот на Свети Јовен Крстител, со капењето на рибарите во Охридското Езеро како продолжение на дамнешната традиција со која беше одбележувано завршувањето на забраната за риболов во езерото после зимскиот мрест.

 

Тој чин со кој рибарите го прославувале почетокот на излов на риба од езерото, со оглед на забраната за риболов последно време се одбележува со капење на православните верници од градот, предводени од тајфата на оној што ќе го фати Чесниот крст. Оваа како и минатата година тоа е дружината на Иван Лотески.

 

Манифестацијата што се одржува на Малиот плоштад кај Градското пристаниште и годинава минува со културно-забавна програма, староградска музика, греано вино, топла ракија, како и повеќе од 1,5 тони рибна чорба што по осми пат ја приготвија ученици и професори на Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески".

 

-Во приготвувањето на чорбата учествуваа 20 ученици и професори од нашето училиште, а подготвките започнаа уште во петокот. За чорбата е употребена риба лосос и ослиќ, а очекуваме да се приготвени околу четири илјади порции. Вкупно за приготвувањето на оваа чорба се потребни повеќе од 30 часа, истакна главниот готвач Блаже Јорданоски, професор по гастрономија.

 

Сите присутни на традиционалното капење на рибарите ќе можат да пробаат од чорбата, а екипи на охридската општинска организација на Црвениот крст ќе им однесат јадење и на социјално загрозените семејства од градот како и во изнемоштените лица кои не можат да дојдат на Градското пристаниште.

 

Организацијата на манифестацијата и за Денот на рибарите веќе неколку години е на Локалната самоуправа заедно со Дебарско-кичевската епархија, а во насока на нејзино збогатување што ги придонеле за што поголема масовност и посетеност на гости во градот за празникот Богојавленски водосвет. Празнувањето на Водици и на Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во овој дел од православието, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и по бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.