Дескоска: Не гледам никакво прекршување на законот во изборот на новите антикорупционери

Јас не гледам никакво прекршување на законот во постапката за избор новите членови на Антикорупциската комисија, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска во врска со реакциите во јавноста за изборот на Нури Бајрами за член на ДКСК, кој е баџанак на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

 

Според неа, ако се гледа правнo, роднинските врски со овој степен не се опфатени. – Но надвор од тоа, дури и да се опфаќаше нема формално прекршување на законот, затоа што постапката беше според законите, рече министерката.

 

Останува на ДКСК, како што посочи Дескоска, дали ќе си ја врши работата совесно, чесно и така како што е пропишано со законот.

 

– Да оставиме време на новиот состав на Антикорупциската комисија да почне да работат и од тоа ќе се цени дали бил направен вистинскиот избор или било нешто друго во позадина, рече Дескоска и додаде дека сега тие имаат и нови надлежности – ќе ценат јавни набавки, финансирање на политички партии, изборните кампањи...

 

Министерката потсети дека законот за спречување на корупцијата бил носен во транспарентна процедура во консултации со европските експерти и со невладини организации, а селекцијата и изборот на кандидатите гарантирале траспарентен избор.

 

Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ако јавноста смета дека изборот на Бајрами е голем проблем требало да се реагира додека траел изборот, како што се реагираше и за многу други кандидати.

 

-Оваа мешана комисија ги оценила овие кандидати за најдобри. Следниот период на функционирање на оваа комисија, особено вопредизборен период ќе покаже колку е искрена намерата на било кој да се бори против корупцијата, рече Манчевски.

 

Тој додаде дека му пречи што долго време Законот за спречување на корупцијата бил блокиран од страна на опозицијата во Собранието.

 

На прашање за вработувањето во администрацијата на блиски владини функционери, Манчевски одговори дека Антикорупциската комисија е институцијата која треба да провери дали во новите вработувања има и непотизам и судирна интереси.

 

Тој рече дека 10 години сите членови на СДСМ беа најдискриминирани граѓани во државата со тоа што им беше забрането да се врабуваат во јавен и приватен сектор.

 

-Денеска е чудно што било кој симпатизер на оваа власт се вработува и во јавни институции. Каде да одат овие луѓе, треба да ја напуштат државата... Сега има Антикорупциска комисија и сето она за што се смета дека е проблематично треба да се поднесе претставка и да се одлучува по неа, рече Манчевски.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.