Субвенции за електрични автомобили се уште во најава

Субвенции, станици за полнење и најави за нови модели на електричните возила се уште се во најава на македонскиот пазар на возила.  На електричните возила се гледа како на едно од решенијата за проблемот со загадениот воздух и мерките со кои се поттикнува нивното користење.

 

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, во ноември минатата година најави субвенции за електрични и хибридни возила.

 

Со предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за возила се предвидуваат програми за субвенционирање на дел од трошоците за купување на возила на електричен погон, за вградување на плински уреди или друг вид на алтернативно гориво и за купување ново возило со одјавување на старото возило.

 

Со програмите за субвенционирање  предвидени се финансиски средства во износ од 170 милиони денари во 2019 година, 245 милиони денари во 2020 година и 320 милиони во 2021 година.

 

Предвидени се субвенции од 5.000 евра во денарска противвредност за набавка на електрични возила, а 3.000 евра во денарска противвредност за набавка на хибридно возило, а во првата година се предвидува да бидат доделени субвенции за 200 возила.

 

Но, Законот за возила е се уште во Собрание.

 

Зголемувањето на бројот на електрични возила на улиците, неопходно е да биде проследен со зголемување на бројот на станици за полнење на ваквите возила. Најголем хендикеп на електричните возила е малиот радиус на движење, а единствен начин за надминување на овој проблем е добро распространета и достапна мрежа на станици за брзо полнење на возилата низ државата.

 

ЕВН во соработка со општините веќе започна иницијатива „Електромобилност со ЕВН“ со цел развој на инфраструктура за полнење неопходна за поголемо користење на електрични возила во секојдневниот живот.

 

Полначи за електрични возила веќе неколку години има во двете катни гаражи „Тодор Александров“ и „Македонска фаланга“, пред бараките на градот Скопје, како и на паркингот пред зоолошката градина.

 

Од ЕВН информираат дека се поставени над 40 станици за полнење електрични возила на централни јавни локации во 17 града во Македонија.

 

Заинтересираните сопственици на електрични возила за да ги користат полначите најпрво треба да се пријават за електронска картичка, додека користењето на електричните полначите во период од една година е бесплатно за сите корисници.

 

.be





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.