Заев и Рашковски на средба со ДИК за претседателските избори

Тековни прашања поврзани со подготовките на сите потребни услови за успешна реализација на претстојните претседателски избори и предвремени локални избори во трите општини, Дебар, Охрид и Ново Село биле тема на вчерашната средба на премиерот Зоран Заев со членовите на ДИК.

 

-Владата дава принципиелна поддршка, согласно законските овластувања, да обезбеди реализација на законските потреби на Државната изборна комисија, затоа што организирани слободни и фер избори се врвна демократска придобивка, се јакне демократијата и се отстрануваат сомнежи за какви било нерегуларности, рекол Заев на средбата со членовите на ДИК.

 

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски и членовите на Комисијата посочиле дека таа работи професионално и го информирале премиерот Заев за преземени активности, меѓу кои активна и ефикасна едукација на членовите на Избирачките одбори, како и на Општинските изборни комисии со цел навремено, достоинствено и целосно да одговорат на законските обврски пред граѓаните.

 

-Максимално сме посветени, со зголемен интензитет на ангажирање на луѓе и логистика, согласно законските прописи, да ги оствариме приоритетите и целите за реализација на фер и демократски избори, нагласил претседателот на ДИК, Деркоски.

 

На работната средба, сите учесници се согласиле дека одржувањето избори е тест за политичката зрелост на државата и изразле подготвеност и посветеност за максимална транспарентност, почит и кредибилитет на претстојните претседателски избори и локални избори во три градови во државата.

 

Премиерот Заев, на средбата со членовите и претседателот на ДИК, бил придружуван од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.