Граѓански форум за прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје

Во Кочани се одржа форум за рурален развој со граѓаните од источниот регион, на кој беа претставени завршните активности за прогласување на Осоговските Планини за заштитено природно подрачје.

 

Професори од Шумарскиот и Земјоделскиот факултет во Скопје зборуваа за придобивките и обврските што ги носи заштитеното подрачје во однос на развојот на земјоделството и шумарството на територијата на кое тоа се однесува.

 

Се работи за проект чиј носител е Македонското еколошко друштво, а што се реализира во рамки на втората фаза од Програмата за зачувување на природата во Македонија, со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка.

 

– Неколку години работиме на процесот на воспоставување заштитени природни подрачја во државата, при што приоритет им дадовме на Осоговските Планини и на врвот Ченгино Кале во Малешевијата. Сите истражувања, анализи и заклучоци се завршени, а бидејќи ни е важно и мислењето на локалното население го вклучивме во нашата иницијатива. Деновиве проектот ќе го доставиме до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое понатаму треба да ја доврши законската постапка и Осоговието да биде прогласено за заштитено подрачје. Во наредниот период истиот процес ќе биде спроведен и за Ченгино Кале, истакна Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво.

 

На форумот во Кочани беше донесен заклучок дека заедно со процесот за прогласување за заштитено подрачје, во регионот на Осоговските Планини треба да се интензивираат и поддржат активностите за традиционално сточарство и земјоделство.

 

Сличен форум ќе се одржи и со локалното население од Општините Кратово и Крива Паланка, кои се дел од северозападниот дел на заштитеното подрачје на Осоговието.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.