Власта и опозицијата ги почнуваат разговорите за иднината на СЈО

Работните групи кои беа формирани според договорот од последната средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на  ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, денеска треба да се состанат во обид да се изнајде заедничко решение околу предлог законот за јавно обвинителство и идниот статус на СЈО.

 

Власта и опозицијата имаат спротиставените ставови особено во однос на иднината на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во СЈО.

 

Мицковски во повеќе наврати кажа дека Јанева за нив е неприфатлива и не може да остане на функцијата, додека Заев изјави дека специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим ја имаат неговата целосна поддршка.

 

Според најавите, работните групи на власта ќе ги предводат министерката за правда Рената Дескоска и нејзиниот заменик Оливер Ристовски, а на опозицијата адвокатот Тони Менкиновски.

 

Покрај Законот за јавно обвинителство, се очекува да се разговара и за другите реформски закони, меѓу кои и законите за Агенцијате за национална безбедност и за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија. За овие два закона денеска ќе се одржи јавна расправа во собраниската Комисија за одбрана и безбедност.

 

Владејачкото мнозинство очекува Законот за јавното обвинителство и законите за Агенцијата за национална безбедност и за координација на безбедносно-разузнавачката заедница да бидат донесени до крајот на март,односно пред почетокот на кампањата за претседатеските избори. Според власта, тоа е и еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ на почетокот на јуни.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.