Жените имаат право на бесплатни гинеколошки прегледи, но дали во пракса тоа се почитува?

Со цел да се намали процентот на доеничка смртност, како и да се унапреди здравствената заштита на жените и децата, во Македонија сите гинеколошки и микробиолошки прегледи, биохемиски анализи вклучувајќи го и самото породување за секоја бремена жена, државјанин на Македонија, без разлика дали е здравствено осигурана или не, се бесплатни.

 

Исто така веќе седум години, односно од први април 2012 година, жените на воздраст од 24 до 60 години имаат право да направат бесплатни ПАП тестови. Но, само 16 отсто од жените од оваа возрасна група позитивно одговориле на повикот за бесплатен ПАП-тест.

 

Останатите, иако добиле уредна покана преку овој тест да проверат дали имаат преканцерогени или можеби и малигни заболувања на грлото на матката, не се појавиле на гинеколошки преглед. За жал, се почесто се случува пациентките да тврдат дека иако овие прегледи се бесплатни, нивните матични гинеколози им наплатуваат.

 

Според Фондот за здравствено осигурување, кај избраните гинеколози, треба да се бесплатни дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија и земање брис. Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози, објаснува дека ПАП-тестот е бесплатен на секои три години и за него се повикуваат пациентите по возрасни групи, според веќе определена програма.

 

- За ПАП-тест еднаш годишно се плаќа партиципација од 60 денари. Прифатените светски правила велат дека ако трите последни теста се уредни, наредниот се прави за три години – вели д-р Филиповски. Доколку се случи избраниот гинеколог да побара пари за бесплатен преглед осигуреничките треба да му посочат дека се запознаени со нивните права и дека прегледот кај избран лекар не се наплаќа, советуваат од Фондот.

 

- Во случај кога се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побараат фискална сметка за извршените здравствени услуги и да го информираат Фондот, било преку претставка доставена во писмена форма било преку електронска форма, а во прилог да достават фотокопија од финансиската документација (фискална сметка) – велат оттаму.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.