Општина Василево најтранспарентна во Југоисточниот плански регион

Василево е најтранспарентна општина во рамки на Југоисточниот плански регион. Таа, освен што ги исполнува законските обврски за транспарентност, користи и свои методи за да биде поблиску до граѓаните-покажале резултатите од анализата за транспарентност при вработување на општините од Југоисточниот регион, направени од страна на Здружението на граѓани „ПРОФИЦИО".

 

На презентацијата на резултатите од анализата, со која се опфатени сите 10 општини од Југоистокот-Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Гевгелија, Дојран, Конче, Ново Село, Радовиш и Струмица, претставникот од Општина Василево, Верче Миткова, ги образложи начините, практиките, каналите и методите кои се практикуваат, а чија крајна цел е транспарентност во работењето.

 

Миткова потенцираше дека освен информирањето на граѓаните во делот на она што значи законска обврска, Општина Вaсилево континуирано подготвува и пласира информации кои се однесуваат на работењето на општината, на нејзините органи, независно дали тоа е во делот на надлежностите на градоначалникот, советот, општинската администрација или јавните претпријатија и установи основани од општината.

 

За разлика од сите останати општини во регионот Општина Василево на својата официјална веб страница меѓу другото ги има објавено и огласите за унапредување на административни службеници.

 

Како резултат на анализата од „ПРОФИЦИО" општините добија и соодветни препораки во насока на зголемување на транспарентноста преку преземање иницијатива јавно да ги објават актите за систематизација и нивните измени, да се подобрат јавно достапните информации и отчетноста на општините при спроведување на постапките за вработување, да воспостават систем на континуирана обука и професионален развој со цел зголемување на квалитетот на јавните услуги.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.