Граѓаните да патуваат со лиценцирани агенции и да потпишуваат договори

Граѓаните при туристичките патувања да проверат дали агенцијата со која патуваат е лиценцирана и да потпишат договор пред патување за да не бидат измамени, апелираат од надлежните институции.

 

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека полесно е да постапат по преставките кои стигнуваат кај нив доколку граѓаните имаат договор потпишан со агенцијата, програма за патувањето и фискална сметка дека платиле за услугата. Во случаи кога туристичките аранжмани се купуваат онлајн, потребно е поголемо внимание од страна на потрошувачите и проверка дали агенцијата има лиценца А или Б. Тоа може да се провери на веб страницата на Министерството за економија.

 

– Некогаш на онлајн ќе ви нудат услуга дека одите во феноменален хотел, а кога ќе отидете таму, потоа во поплаките се праќаат фотографии дека буквално нема ниту тоалети. На онлајн може секој да биде нашминкан, а друго е кога ќе отидете во туристичка агенција, ќе потпишете договор и ќе земете програма каква што ви нудат за парите што ги давате, истакна директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски на денешната прес-конференција.

 

Тој вели дека се запознаени со најновиот случај на измамени граѓани преку „Одмори се“ и оти прават напори да го решат случајот, иако во дадената ситуација им се врзани рацете бидејќи нема потпишано никаков договор меѓу потрошувачите и агенцијата и комуникацијата е водена само телефонски, а уплатата е направена на друга жиро сметка.

 

Од Министерството за економија најавуваат дека се размислува како опција во Законот за туристичка дејност да се воведе банкарска гаранција за агенциите, која би се активирала доколку граѓаните бидат измамени. Исто така и Министерството за образование и наука достави укажување до сите основни и средни училишта да бидат особено внимателни кога избираат туристички оператори кои ќе бидат ангажирани за реализација на екскурзиите на учениците, кои се составен дел од воспитно-образовниот процес. МОН соопшти дека укажувањето е доставено со оглед на „последните случувања, односно сообраќајната несреќа со фатални последици по животот и последици по здравјето на повеќе наши сограѓани“.

 

.be





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.