Хуманитарен концерт за црквата „Св.Спас“ во Владимирово

Во Берово синоќа се одржа хуманитарен ликовно-музички перформанс за обнова на црквата „Св.Спас” во Владимирово која пред пет години изгоре во пожар.
 
 
– Сите луѓе кои дојдоа на овој настан синоќа, а ќе дојдат и вечерва овде во хотел Манастир е со својата хуманост и со својата добрина да се вградат себеси во она што се вели вечност, а вечност е црквата наша која за жал е опожарена 2014 година. Со помош на добрата волја на луѓето, не само од нашата општина, туку и со помош на нашата миграција ширум светот, ете дојдовме на финализирање на осветување на олтарот кој се надеваме ако сме живи и здрави ќе биде оваа година, истакна виртуозот Горан Алачки.
 
 
Со своите цветни аранжмани во рамки на настанот, придонес даде и уметникот Живко Поповски – Цветин.
 
 
– Ја започнуваме пролетта со една убава мисија на хуманоста, каде еве јас сум подготвен да ги подарам овие мои цвеќиња на мирот и хуманоста и сите средства што ќе се обезбедат од продажбата на сликите, ќе ги донираме за црквата Свети Спас да се обнови после оној пожар кој се случи во 2014 година, рече Цветин.
 
 
За постарите жители на Владимирово ова е убав начин да се приоднесе за обнова на скоро 200 години стариот храм.
 
 
– Црквата е направена во 1846 година, тогаш камен по камен се градеше, беше многу средена, сега повторно ја правиме, и ќе ја направиме исто како  што беше некогаш, истакна Јана Алачка.
 

На настанот присуствуваше и беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, кој посака уште многу такви настани кои ќе помогнат за возобновување на културното наследство на општината кое е достојно за презентација пред светот, како од верски така и од туристички аспект. Ликовно-музичкиот перформанс за обнова на црквата Св.Спас продолжува и вечерва со почеток во 18 часот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.