На гласачкото ливче прв Река, втора Силјановска, трет Пендаровски

Во Државната изборна комисија денеска се влечеше ждрепка за редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче.

 

Според извлекувањето прв на гласачкото ливче ќе биде кандидатот на албанската опозиција, Блерим Река, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, а трет е кандидатот на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски. Бројчињата ги влечеа претставниците на нивните изборни штабови.

 

Како што најави претседателот на ДИК Оливер Дерковски ќе биде потпишан  Кодекс за коректно однесување на престојните избори со цел да има коректен натпревар меѓу сите учесници.

 

Апел до кандидатите да се придржуваат кон членот 68 од Изборниот законик, упати членот на ДИК. Борис Кондарко. Во членот 68 детално е дефинирано што се се подразбира под кампања, од која тие треба да се воздржуваат до нејзиниот официјален почеток, на 1 април. Кондарко повика на коректна, чиста позитивна европска кампања, бидејќи, како што рече,  тоа е во интерес на сите, пред се на кандидатите, на нивниот интегритет, во интерес на политичките партии, во интерес на ДИК, и во интерес на целата држава.

 

Дарко Каевски, претставник на СДСМ и на коалицијата за кандидатот Стево Пендаровски, по утврдувањето на редоследот на претседателските кандидати, изјави кампањата што ќе ја водат ќе биде европска и оти од денеска па се до 1 април, ќе се воздржуваат од кампања и од јавни настапи и ќе ги почитуваат сите законски прописи.

 

Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, претставник на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, рече дека веќе прекинале со сите активности што не смеат да бидат емитувани и реализирани и бројот 2 за нив симболизира победа во двата круга на изборите.

 

Рамадан Реџепи, портпаролот на кандидатот Блерим Река, истакна дека за нив бројот еден претставува дека се борат за една република за сите и една европска мултиетничка држава.

 

Како што најави претседателот на ДИК, Оливер Дерковски,  в понеделник во ДИК ќе се спроведе жребувањето за редоследот на кандидатите за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.