Интензивни активности со програмата за асфалтирање улици во Кочани

Реализацијата на годишната програма за изградба и асфалтирање улици во општина Кочани тече интензивно, при што како приоритетни се влезени шест сообраќајници во градот и во дел од селските населби.

 

Викендов ќе заврши комплетирањето на улицата „Ѓорѓи Пулевски“ во Кочани на која со асфалт ќе биде покриена површина од над 2.600 квадратни метри, а од почетокот на идната недела градежните активности ќе продолжат на улицата „Блаже Поп Арсов“, каде претходно се бетонираа потпорни ѕидови и се постави атмосферска канализација.

 

За асфалтирање е подготвена и улицата „Кресненско востание“, каде во должина од 228 метри е поставено одводнување, дренажа, решетка, шахти, а изведувачот „Бони интерградба“ од Штип ќе асфалтира површина од над 1.500 квадратни метри.

 

– Според Програмата за капитални инвестиции за 2019 година, со средства од основниот буџет на Општина Кочани е планирана изградба на повеќе улици во населените места, за што јавните набавки се веќе завршени. Тоа значи дека во наредниот период ќе започнат работите за асфалтирање на улицата „Лазар Стоименов“ во Оризари, со должина од 718 метри, а на поставувањето на два слоја асфалт ќе работи фирмата „Стојменов“ од Кочани. Завршена е и тендерската постапка за улицата „Михајло Арсов“, на влезот во селото Прибачево, каде ќе се постави асфалт на површина од 1.600 квадратни метри, истакна Влатко Димитров од Секторот за урбанизам на Општина Кочани.

 

По завршувањето на тендерската постапка и избор на изведувач на работите, се очекува наскоро во селото Тркање да започне асфалтирањето на три крака од улицата „Маршал Тито“.

 

Со програмата за изградба и асфалтирање на улиците, планирано е годинава од општинскиот буџет да се потрошат над 21 милион денари.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.