Шапуриќ: Олеснување на прометот на стоки преку редуцирање на царинските бариери во ЈИЕ

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ учествуваа на шестиот „Регионален самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – 300 најдобри", што од 22 до 24 март годинава се одржа во Дубровник, Хрватска.

 

Министерката Апостолска, како што информираат од нејзиниот кабинет, порачала дека со зачленувањето во НАТО и цврстата определба за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, Владата внела политичка стабилност и заедно со економските политики креирала опкружување кое делува охрабрувачки за припадниците на бизнис заедницата.

 

– Како Влада посветено работиме на поддршка на духот на претприемништвото во нашата економија, нудиме поддршка и тоа конкретна, финансиска, за сите кои воведуваат промени и иновации во економската активност, кои имаат креативни идеи. Претприемачкиот дух го поддржуваме во развивањето на нови механизми за освојување на пазари, за воведување на нови технологии и начини на организација на деловната активност, истакнал Апостолска.

 

 

Министерот Шапуриќ, говорејќи за значењето на државните институции во развивањето на соработка помеѓу бизнис заедниците од регионот, истакнал дека нивната примарна задача е преку соработка со бизнис заедницата и стопанските комори да работат на создавање на поволна клима и регулатива која ќе ја стимулира и олеснува деловната активност.

 

– Државата и бизнисот потребно е да бидат партнери, да развиваат интерактивен дијалог во креирањето и реализацијата на политиките кои го олеснуваат регионалното економско поврзување помеѓу земјите, порачал министерот Шапуриќ.

 

Нагласил дека е неопходно олеснување на прометот со стоки и услуги преку редуцирање на административните и царинските бариери во регионот на Средна и Југоисточна Европа.

 

Самитот е во организација на Меѓународниот економски форум и на него учествуваа претставници на над 200 компании од регионот на Средна и Југоисточна Европа, вклучително и над 30 компании од нашата земја. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.