ХОТАМ: Добра исполнетост на охридското крајбрежје за Велигден

Сместувачките капацитети на охридско-струшката ривиера за претстојните велигденски празници се исполнети околу 70 отсто, информира претседателот на Асоцијацијата на хотелиери Крсте Блажески.

 

Според него, исполнетоста за Велигден е добра и е стандардна за овој период од годината.

– За Велигден традиционално најчести гости на крајбрежјето ни се Грците, потоа имаме гости од соседството, а не изостануваат и оние од кружните тури што се задржуваат по два до три дена, истакна Блажески.

Првиот човек на хотелиерите очекува одлична туристичка сезона што ќе ја надмине минатогодишната.

– Според досегашните показатели, летната туристичка сезона треба да ја надмине ланската за некој процент и да биде подобра, изјави Блажески за МИА.

 

Најбројни гости на ривиерата и годинава ќе бидат Холанѓаните и Белгијците. Имало пад кај туристите од Турција, но нивното намалување го покривал растот кај оние од Полска

Овој период на охридско-струшкото крајбрежје се застапени семинарите, а по велигденските празници, односно од 7 мај, како што информира Блажески, почнуваат првите групи гости од Холандија.

 

– Сега сме во период на подготовка за претстојната туристичка сезона, која веќе е почната. Штом имаме исполнетост на сместувачките капацитети над 50 отсто сезоната е почната, а очекуваме поголема исполнетост од минатата година, заклучи Блажески.

Во однос на сместувачките капацитети, тој смета дека се потребни нови современи хотели со висока категоризација, кои ќе ги задоволат потребите на гостите. Туристичката понуда најави дека ќе биде зголемена со два нови брода во Охрид, но и дека се во зачестени преговори со Владата за зголемување на охридското пристаниште и изградба на ново во Струга.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.