Реставриран бигорскиот литиен крст од 1814 година

Во пресрет на Велигден, заврши целосната реставрација на двете странични рипиди (херувими) на бигорскиот литиен крст од 1814 година.

-Овој прекрасен комплет за литии е изработен од сребро, со делумна позлата. Своина е на Бигорскиот манастир, но, според раскажувањето на нашиот почитуван митрополит г. Тимотеј, во комунистичкиот период, кога во манастирот немало монаштво, додека се снимал играниот филм „Банович Страхиња" (почетокот не осумдесеттите години од минатиот век), крстот и рипидите биле однесени во Охрид од страна на некои чесни луѓе и предадени на познатиот охридски кујунџија, г. Вангел Деребан. Тој ја завршил неопходната конзервација и чистење на овие скапоцени свештени предмети,велат од бигорската обител.

 

Во почетокот на деведесеттите години сега починатит Деребан му ги предал на надлежниот владика, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој прво ги положил во митрополитската ризница за црковни работи, а по обновата на соборниот храм на Охридските архиепископи, Света Софија Охридска, ги поставил во нејзиниот олтар.

 

– Кога се исполни времето, на празникот Педесетница, 27 мај минатата година, нашиот богољубив и монахољубив архипастир ѝ ги врати крстот и рипидите на Обителта на која отсекогаш ѝ припаѓале. Набрзо, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, воден од желбата да им го врати првобитниот сјај на овие значајни за нашиот манастир светињи, и имајќи го благословот на митрополитот, ги предаде на реставрација во рацете на еден од најдобрите реставратори за ваков вид нешта, г. Јоргос Триандопулос од Солун. Процесот на очистување и реставрација на оштетените и загубени делови заврши деновиве, токму во пресрет на Воскресението Христово. Најпосле крстот и рипидите заблескаа со сета своја убавина,посочуваат од Бигорскот манастир.

 

Крстот е изработен во 1814 година во Елбасан, по нарачка на бигорскиот игумен, архимандрит Арсениј. На него релјефно се прикажани: Распетието Христово, Крштението Господово и празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. На краците лево и десно е прикажан плачот на Пресвета Богородица и на Свети Јован Богослов, под Крстот на Голгота. Од другата страна, на централното место е претставен Господ Исус Христос како Велик архиереј, а од страните – симболите на четворицата евангелисти.

 

На сребрената дршка под крстот има спирален ктиторски натпис на грчки јазик, кој во превод на македонски јазик гласи: овој чесен крст му припаѓа на манастирот на чесниот и славен Пророк и Крстител Јован, а се направи во деновите на игуменот Арсениј јеромонах од раката на Христо јереј од Елбасан 1814.

 

Рипидите се направени нешто подоцна, во времето на игуменот Харитон (о. 1865 – 1870), а за тоа сведочи и натписот на едната од нив: Архимандрит папа-Харитон со браќата, градител Мојсо.

 

По нарачка на игуменот, отец Партениј, од истиот солунски мајстор беше изработена идентична копија од сребро и позлата на бигорскиот литиен крст, која деновиве игуменот му ја предаде на нашиот великодушен архиереј, како замена и во знак на благодарност за вратениот прототип. Новоизработениот крст ќе продолжи да го краси олтарот на храмот на Премудроста Божја во Охрид.  





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.