Од 1-ви мај граѓаните да ја потврдат или корегираат пресметката во УЈП

На 30 април истекува крајниот рок за доставување на претпополнета Годишна даночна пријава за утврдување на персонален данок на доход за 2018 година до граѓаните од страна на Управата за јавни приходи (УЈП), а активноста за генерирање и доставување на претпополнета Годишна даночна пријава е во тек. Даночните обврзници – физички лица кои се регистрирани на системот „е-Персонален данок“ преку своите кориснички профили може да извршат увид во Годишните даночни пријави, информира УЈП.

 

Граѓаните кои оствариле дополнителни приходи во текот на минатата година имаат можност најдоцна до 31 мај да ја потврдат или коригираат претпополнетата Годишна даночна пријава. Откако ќе добијат електронско известување дека годишната даночна пријава е пополнета од страна на УЈП, корисниците треба да влезат во својот профил што веќе го креирале во електронскиот систем за да ја проверат својата пресметка.

 

До истекот на крајниот законски рок, граѓанинот може да го менува статусот на пријавата, односно да ја потврдува или коригира. По истекот на законскиот рок, односно на 1 јуни, Годишните даночни пријави ќе добијат статус на конечни даночни пријави, согласно последниот статус на Годишната даночна пријава – потврдена или коригирана велат од УЈП и додаваат дека на 1 јуни службено ќе бидат потврдени и Годишните даночни пријави, кои не се ниту потврдени, ниту коригирани од страна на граѓанинот.

 

Годишната даночна пријава која граѓанинот ја коригигирал, а добила статус на конечна даночна пријава, ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри пријавата ќе следи донесување на решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2018 година, прецизираат од УЈП.

 

Од Управата апелираат граѓаните кои оствариле приходи, а се уште не се регистрирале на системот е-Персонален данок, тоа да го сторат во најкраток можен рок.

 

Како што информираат од УЈП во електронскиот систем се регистрирале околу 700.000 граѓани кои минатата година оствариле дополнителни приходи.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.