Од што зависи променливото време во мај?

За овој период од годината променливото време со повеќе облачни денови, дожд како и засилен ветер се невообичаени за пролет.
 
Температурните осцилации имаат големо влијание на здравјето на граѓаните, особено на хронично болните пациенти. Многумина се прашуваат зошто оваа пролет е толку променлива и постудена од останатите досега.
 
Професорот Владо Спиридонов, кој работи како визитинг професор по метеорологија на Универзитетот во Виена, во својата најнова анализа „Зошто толку променлива пролет 2019" упатува на неколку клучни фактори кои влијаат врз ваквиот развој на времето. Се осврнува на индексите на Северно-атланската и Артичката осцилација, како и на загревањето на Артикот и феномените Ел Нињо и Ла Ниња.
 
Објаснувајќи детали од анализата, Спиридонов во изјава за МИА вели дека почетокот на годинава се карактеризирал со појава на екстремни временски прилики во многу делови од светот и тоа од рекордни температури, пожари и врнежи во Јужна Америка и Австралија, до опасни и екстремни студови во Северна Америка и обилни снежни врнежи на Алпите и Хималаите.

 

Според извештајот на Светската Метеоролошка Организација (СМО), на глобално ниво температурите за месец јануари се за 0,4°C повисоки од просечните за нормалниот климатски период 1981-2010 година. Посочува дека промената на времето зависи од распределбата на топлината, ветерот и влагата и оти кога станува збор за актуелните карактеристики на времето, тие зависат од тековниот статус на атмосферата над една област или место.
 
Во одделни сезони, се јавуваат промени во однос на вообичаените дневни одлики типични за таа сезона и во тој случај причината за тие сезонски промени треба да се бара во промените и отстапувањата на основните глобални двигатели: сончевото зрачење, општата атмосферска и океанска циркулација, распоредот и поместувањето на воздушните маси и други временски и климатски феномени. И времето и климата имаат суштинско значење врз одвивањето на животот и секојдневните активности на луѓето.
 
Како резултат на климатските промени се јавуваат повисоки температури на воздухот, промени во режимот на врнежите, зголемување на фреквенцијата или интензитетот на некои екстремни временски појави и зголемување на нивото на морињата. Овие влијанија го загрозуваат нашето здравје со тоа што влијаат врз храната што ја јадеме, водата што ја пиеме, воздухот што го дишеме и времето што го доживуваме.

 

 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.