Реконструирани санитарните јазли во ОУ „Крсте Мисирков" во Оризари

Заврши реконструкцијата на дел од внатрешноста на ОУ „Крсте Мисирков" во Оризари, како дел од проектот на локалната самоуправа на Кочани за обновување на училишната зграда.

 

По повеќе од четири децении над 250 ученици и нивните наставници добија современи тоалети со комплетно нови санитарни елементи, а заменети се и старите дотраени прозорци и врати.

 

-Во присуство на претставници од Министерството за образование и наука, на изведувачите, надзорот и од локалната самоуправа беше извршен технички прием на реализираната реконструкција, со што конечно е решен еден од најважните инфраструктурни проблеми во училиштето. Заедно со реконструкцијата на тоалетите, заменета е и постојната водоводна и канализациска инсталација, а добивме целосно ново осветлување и на двата ката на училиштето, истакна директорката на училиштето, Соња Иванова.

 

Досегашните тоалети во училиштето во Оризари не ги задоволуваа ниту минималните критериуми, подолг период беа затворени, а санитарната инспекција постојано изрекуваше опомени и казни заради неисполнетите стандарди.

 

Реконструкцијата на санитарните јазли се реализираше со средства од Министерството за образование, а директорката Иванова додаде дека приоритет во наредниот период ќе биде замената на кровната конструкција на училишната зграда. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.