Северна Македонија очекува датум оваа есен, ниту една земја-членка не била против преговори

Оваа есен Северна Македонија очекува датум за почеток на преговори со Европската унија, а самите преговори би почнале до крајот на годината. Земјата, како што изјави вчера премиерот Зоран Заев добила писмена гаранција за датум за почеток на преговорите наесен, а за тоа се согласиле сите земји и иако некои од нив имале забелешки во однос на одредени аспекти на спроведените реформи од страна на Северна Македонија, сепак ниту една земја не била против.

 

Дека ниту една земја-членка не се противела вчера потврди и романското претседателство на Унијата, кое реагираше на шпекулациите дека седум членки завчера на Советот за општи работи биле „против" преговори со Северна Македонија. Информациите се демантирани и на вебсајтот на Министерството за надворешни работи на Луксембург.

 

Министерот за надворешни работи на Романија и претседавач на завчерашниот состанок во Луксембург, Џорџе Чиамба во писмена изјава за МИА, потсетува дека компромисот постигнат завчера да се одложи одлуката за старт на преговори е резултат на консензус меѓу земјите-членки, како што предвидува праксата во Советот.

 

Според извори од Владата, ниту една држава не изразила сомнеж дека РСМ ги исполнила сите задачи. Холандија изразила очекување да се донесе законот за Јавно обвинителство, но без негативен став и со согласност за почеток на преговорите годинава. Најмногу за нас се „бореле" Грција, Австрија, Словенија, Словачка, Луксембург, Унгарија, Романија, Малта, балтичките држави и Хан. Бугарија била крајно позитивна, Франција воздржана со барање на повеќе време за одлука за двете држави – Северна Македонија и Албанија.

 

Верување дека ЕУ ќе го загуби кредибилитетот доколку не даде датум оваа есен изразуваат властите во земјава, но и европските експерти, кои, пак тврдат, дека Северна Македонија е „жртва" на внатрешно-политичките случувања во Унијата. А претседавачот на ОБСЕ и шеф на словачката дипломатија Мирослав Лајчак вчера од Скопје со порака дека датумот е одложен поради одложувањето на процедурата за извештајот на ЕК во Буденстагот. Земјите-членки, вели тој, немале проблем со нас, имале проблем со Албанија.

 

-На Министерскиот совет написмено добивме правно формална гаранција дека не подоцна од октомври ќе добиеме датум за почеток на преговорите. Нема можност да се донесе ваква одлука без сите земји да бидат согласни што значи дека има консензуална одлука, изјави вчера Заев.

 

Додаде дека има разбирање оти во ЕУ се одржале избори за Европскиот парламент и дека парламентите на земјите-членки им треба време за разгледување на материјалите и донесување одлука. Тој изрази верување дека ова ќе го потврди и Евроскиот совет и оти во октомври ќе добиеме датум.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.