Синдикат на УВМК: Бараме поголеми плати и подобри услови за работа и чување на матичните книги

Зголемување на платите на вработените во Управата на водење на матична книга (УВМК), креирање посебен колективен договор, подобрување на условите за работа, интервенција во законската рамка во однос на матичното работење, се дел од барањата на Синдикатот на УВКМ (НСУВМК), кои денеска ги соопшти претседателот на тој синдикат, Тони Милошевски.

 

-Убедени сме дека со сериозна промена на статусот на вработените во УВМК,  таа ќе го добие заслужното место во управните служби и притоа значително ќе влијае во подобрувањето на работните услови, рече Милошевски, кој очекува неговиот синдикат барањата да ги оствари во соработка со Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија, како и со владините институции.

 

Генералниот координатор на КСОМ Гоце Делчев истакна дека правата на работниците во УВМК, не само што се запоставени туку, како што рече, се на многу ниско ниво, за што постојат фотографии.

 

-Може да се види како еден работник пасе кози и овци, а документите на граѓаните на оваа држава која сака да влезе во ЕУ, книгите во кои се матичните броеви, изводи, материјали од 1900 година, се уште се чуваат во штали на месни канцеларии низ државата. Оваа состојба мора да се прекине, вели Делчев.

 

За таквата состојба на вработените во УВМК и на матичните книги, Делчев има намера да го информира и премиерот Зоран Заев, како и министерката за правда Рената Дескоска.

 

Делчев потенцира дека вработените во УВМК работат за 200 евра плата, во многу лоши услови, а работата им е многу одговорна.

 

-Документите на граѓаните, меѓу кои и нашите иселеници, треба да бидат посебно заштитени. Не можеме да имаме Закон за заштита на лични податоци, а тие да се чуваат во места каде што просториите прокиснуваат, каде што нема добро заштитени врати. Овците да ги избркаме од канцелариите за водење на матични книги, рече Делчев.

 

Доколку не се исполнат барањата на синдикатите, тие ќе почнат протести, самите ќе се организираат за да ги подобрат условите за работа во подрачните канцеларии за водење матични книги, и ќе ја информираат ЕУ за состојбата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.