Заев: Прифативме многу препораки од опозицијата, можно е решение за законот за ЈО

Премиерот Зоран Заев смета дека може да се приближат ставовите околу новиот закон за Јавното обвинителство и оти голем дел од препораките на опозицијата се прифатени.

 

– Позициите ни се јасни, но јас гледам дека се приближуваат и дека можеме. Точно е дека прифативме голем дел од препораките од опозицијата. Се гледа. Уште еднаш да појаснам. За да може да најдеме решение во кое ќе успеат сите да кажат дека се победници во функција на своите аргументации, правиме припојување на СЈО кон постојното ЈО за организиран криминал кое го менува своето име и за висока корупција. Нема потреба да седат Заев и Мицкоски да бираат обвинители, рече Заев одговорајќи на новинарски прашања денеска на прес-конференција.

 

За спомувањето на Вилма Русковска како шеф на идното Обвинителство за орагнизиран криминал и висока корупција, премиерот рече дека тој не ја предложил туку кажал кој во моментов го води Обвинителството и кој го има мандатот.

 

Не ја предложив јас Русковска за шеф, не ми се допаѓаше ни мене пред пет, седум, девет години, но кој ме прашува мене. Обвинителите ги бира Совет на јавни обвинители. Во Обвинителството постои субординација и координација. Тоа е нормален процес. Решението што ВМРО-ДПМНЕ го бараше и написмено во овие работни групи беше да се откажеме во опстојување на самостојноста на СЈО во идниот период, да не биде посебно одделение, туку да се припои. Го направивме тоа. Верувам дека имаме решение и дека овие денови ќе ги отвориме дебатите. Треба да и учиниме и да и помогнеме на државата и ова прашање да го тргнеме од дневниот ред, рече Заев и додаде дека јавно-обвинителскиот систем ќе продолжи и понатаму да се темели на истите полуги и ќе функционира согласно Уставот.Обвинителите ги бира Советот за јавни обвинители и нека конкрурираат таму, рече Заев.

 

Прашан за коментар за вчерашната изјава на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дека била искористена и злоупотребена во врска со случајот „Рекет“, и дали има дополнителни информации за случајот, Заев кажа дека нема сознанија, ниту, пак, ги барал. Посочи дека се води истрага за овој предмет која на таранспарентен начин треба да покаже за што се работи.

 

На новинарско прашање дали по обелоденувањето на „Рекет“, чувствува дека некои пораки од бизнисмени и други лица се упатени до него, Заев одговори дека не се плаши и оти ќе продолжи со поддршката за бескомпомисна борбата против криминалот и корупцијата.

-Тоа го заслужуваат граѓаните и тоа мора да се сработи. Секој што се огрешил од законите ќе си одлежи затвор или ќе биде казнет согласно законите. Може да се обидуваат, но ние нема да потклекнеме во борбата против криминалот и корупцијата. Но, секогаш апелираме пресумпцијата на невиност да се почитува, не смее да се прави масакар врз луѓето, а најмалу од нас политичарите, рече Заев.

За барањето на новинарот Бранко Героски за средба со него, премиерот порача дека има истражни органи и дека таму треба да ги пријави сите докази и аргументи.

– Има истражни органи, треба да оди таму и да пријави. Сите докази и аргументи, ред е да оди и да ги пријави заради тоа што презумпцијата на невиност постои за секој. Нема што да доаѓа кај мене. Јас не сум ниту обвинител, ниту истражител. Пијам кафе со секој, седам со секој, немам проблем, но на оваа тема нема што да разговара со мене. Треба да пријави во истражните органи, ЈО, МВР, финансова полиција…, секаде каде мисли дека  е соодветно, според доказите и аргументите што ги има, порача Заев.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.