Заев: Не сум соработувал и комуницирал со Јовановски

Премиерот Зоран Заев повика на темелна и независна истрага за „Рекет“, која, како што пишува на социјалната мрежа Фејсбук, мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Најостро и категорично отфрла каква било поврзаност со Бојан Јовановски, осомничен во „Рекет“.

 

-Резултатот од истрагата мора да донесе преземање одговорност, исклучиво согласно докази и согласно словото на правото. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават се да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви, пишува Заев.

 

Како што наведува, во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат неговото име.

 

-При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам каква било поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот „Рекет” и за какви било други прашања кои се предмет на истрагата за овој случај, тврди премиерот.

 

Со Бојан Јовановски, како што пишува, единствено разговарал за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту тој ниту Владата немале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална.

 

-Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста, наведува Заев.

 

Премиерот уште еднаш ги повика сите истражни органи во целост да го истражат случајот и да носат одлуки.

 

-Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи, наведува Заев.

 

Според премиерот, Северна Македонија е подготвена за правда, колку и тоа да е тешко и трауматично, правдата доаѓа и секој ќе си одговара за сопствените постапки и тоа во фер, транспарентна и законита процедура. Тој уверува дека, како што пишува, „на непријателите на нашата земја нема да им успее планот преку користење криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ“.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.