Трипати помалку мед оваа сезона очекуваат пчеларите во Кочанско

Приносите на мед во кочанскиот регион годинава ќе бидат катастрофално ниски поради долгиот сушен период и исклучително високите температури. Наместо просекот од дваесетина килограми мед од пчелно семејство, пчеларите очекуваат од секоја кошница да извадат максимални шест до седум килограми.

 

Слична состојба, велат, имаше пред пет години, но и тогаш приносите беа нешто повисоки, така што оваа медоносна сезона ќе биде најслаба во последните две децении.

 

– Топлото време и исушената вегетација што ја имаме дури и на повисоките подрачја во регионот ги оставија пчелите без можности да произведат доволно мед. Неуспешни се покажаа и нашите очекувања за таканаречена втора паша во дабовите шуми од која очекуваме околу пет килограми од пчелно семејство, така што веќе нема можности за подобрување на приносите и за спас на сезоната, истакна Благој Митев, претседател на пчеларското здружение „Матица“ од Кочани.

 

И покрај неуспешната сезона и направените трошоци за производство на мед, заедно со редовниот третман против паразити, посочи, кочанските пчелари веќе ги почнаа подготовките за прихрана и за презимување на пчелните семејства.

 

Загубата што ќе ја имаат пчеларите поради ниските приноси најверојатно ќе влијае и врз цената на медот, иако во Кочанско тој и понатаму се продава по 400 денари за килограм, што е за една третина помалку во споредба со западниот регион од државата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.