Кинијакис и Андре победници на првиот ЛЕН Куп на отворени води во Охридското Езеро

Харалампос Атанаикос Кинијакис од Грција во машка и Анжелика Андре од Португалија во женска конкуренција се победниците на првиот ЛЕН Куп на отворени води на десет километри, во Охридското Езеро.

 

Кинијакис кружната патека долга десет километри ја исплива за време од 1:47:04:05 часа, пред второпласираниот Даниел Шекељи од Унгарија (1:47:08:03) и Јувал Сафра од Израел кој како трет ја заврши трката со време 1:47:09:01 часа.

 

Во женска конкуренција најдобра на десетте километри беше Анжелика Андре од Португалија која патеката ја исплива за 1:55:46:86 часа, пред второпласираната Џиневра Тедеучи од Италија (1:55:47:07) и Ангела Мауер од Германија која целната линија ја мина како трета за време од 1:57:20 часа.

 

Трката во Охрид е четврта од серијата пет што се пливаат во рамки на квалификациите за олимписката дисциплина пливање на десет километри, заедно со оние во Израел, Франција, Шпанија и Данска.

 

Согласно пропозициите на ЛЕН, најдобрите тројца пливачи на денешната трка ќе делат награден фонд од 10.000 евра, односно за парични награди од по 2500, 1.500 и 1.000 евра за тројцата најдобри во двете категории. Инаку, шестемина најдобропласирани натпреварувачи, по тројца во машка и во женска конкуренција на петте трки во рамки на ЛЕН купот, обезбедуваат учество во претквалификациската трка за учество на наредните Олимписки игри.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.