Дескоска: Проблемот за Законот за ЈО не е Јанева, туку постапките на СЈО

Каменот на сопнување во текот на преговорите за Законот за јавно обвинителство не е Катица Јанева туку барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики, вели министерката за правда Рената Дескоска.

 

Другите прашања, според Дескоска, се прашања за кои има мегдан за разговор.

 

– Битни се принципите кои треба да се усвојат во законот, а не личните интереси или судири. Со оглед на тоа што новиот закон предвидува дека двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО се спојуваат, логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Катица Јанева не влегува во тој пакет, бидејќи нејзе мандатот и истекува на 15 септември. Но, кога зборуваме за конкретни личности, без оглед дали се обвинители или вработени во обвинителствата, мора да бидеме свесни дека доколку се докаже нивна кривична одговорност, тие со судска одлука би биле отстранети од своите работни места, без оглед каде законот предвидува дека би ја продолжиле нивната кариера. До донесување на судската одлука останува пресумпцијата на невиност, вели министерката за правда Рената Дескоска интервју за „Независен весник“.

 

Последната средба меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавно обвинителство се одржа во јули и иако се очекуваше тие да продолжат со работа од почетокот на оваа недела, тоа не се случи.

 

Собраниската седница за предлог-законот е закажана за 27 август, по враќањето на пратениците од колективниот одмор. За законот е потребно двотретинско мнозинство, односно поддршка од 80 пратеници.

 

Во меѓувреме позициите на двете страни се непроменети. Власта, како што повеќе пати потенцира е подготвена да одговори на одредени барања на опозицијата, но сепак црвената линија е бескомпромисната борба против криминалот, додека пак опозицијата е на став дека не прифаќа автоматско префрлање на јавните обвинители од СЈО во новоформираното Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, ниту тоа да биде предводено од Русковска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.