Реализирана еко-акција во Македонска Каменица

Со чистење на централното градско подрачје, влезовите во градот и во колективните станбени живеалишта, како и просторот околу нив, во пресрет на 28 Август – Денот на рударите, во Македонска Каменица се спроведе еко-акција за уредување на јавните површини.

 

Акцијата, како што информираа од Јавното претпријатие „Камена Река“, се реализира во соработка со заинтересирани граѓани и Територијална противпожарна единица од Македонска Каменица.

 

– Во акцијата е вклучена крупна механизација од нашето претпријатие за уредување на јавните површини и цистерни од ТППЕ за перење на улиците и паркинзите. Целта е да дадеме дополнителен придонес кон уредување на градот, пред претстојниот троен празник во Македонска Каменица, Ден на Општината, Ден на рударите и големиот христијански празник „Успение на Пресвета Богородица“ кој е заштитник на рударите, информираа од „Камена Река“.

 

 

Од јавното претпријатие воедно апелираа до граѓаните на Македонска Каменица, како корисници на водоводната мрежа од Македонска Каменица рационално да ја користи водата од системот.

 

– Иако неодамна го саниравме настанатиот дефект на главната водоводна линија, по што состојбата со нивото на водата во резервоарите е на завидно ниво, сепак сакаме да апелираме до граѓаните да внимаваат со потрошувачката на водата за пиење, со што ќе се избегне недостиг на вода, особено кај домаќинствата во повисоките делови од градот и горните катови од станбените живеалишта, додадоа од ЈП „Камена Река“.

 

Со цел непрекинато снабдување со вода, од претпријатието посочија дека и понатаму будно ќе ја следат состојбата со приливот на вода од постоечките извори, како и состојбата во резервоарите и дотекот на вода кон крајните корисници.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.